Германската канцеларка Ангела Меркел призна дека ситуацијата во земјата, во борбата против коронавирусот, им избегала од контрола на властите.
Според весникот „Билд“, таа отворено зборувала за неуспехот на владата на видеоконференција со шефовите на фракциите ЦДУ / ЦСУ и во Бундестагот и во покраинските собранија.
„Ја изгубивме контролата над ситуацијата“, ги цитира весникот зборовите на канцеларката.
Таа истакна дека бројот на нови пациенти мора да се намали на 50 на 100.000 жители и наведува дека сега сите се среќни кога е под 200.
Меркел го призна и неуспехот на властите, велејќи дека здравствените служби немаат можност да ги следат контактите на пациентите.
На канцеларката ѝ е особено важно да го отежни патувањето или целосно да го забрани.
– Сто пати го поставив прашањето зошто не можеме да ги забраниме патувањата – рече таа.
Таа додаде дека постојано добивала одговор дека Германија е слободна земја, дека е можно да се ограничи радиусот на движење, но дека е тешко да се забрани патување во светот.
Меркел сака патувањата да ги направи непривлечни и непријатни со суровиот режим на влегување во земјата.
Што се однесува до „отклучувањето“, таа вели дека во моментов не е можно да се зборува за тоа.
– Ќе мора да се отвораме поинаку отколку што беше решено – прво градинки и училишта, потоа продавници и ресторани – објасни германската канцеларка.