Австрискиот канцелар Себастијан Курц порача дека во Австрија нема да биде задолжителна вакцинацијата против коронавирус. Но, тој сепак нагласи дека оние кои нема да се вакцинираат, би можеле да наидат на проблеми.
– Останува личната одлука на секој поединец дали ќе се вакцинира. Владата нема да воведе задолжителна вакцинација – изјави Курц.
Тој наведе дека може авиокомпаниите или организатори на манифестации да воведат такви правила.
– Многу земји во светот сè уште бараат докази за вакцините, на пример против хепатитис, маларија или тифус. Тоа би можело да биде слично и за коронавирусот во иднина – објасни тој во изјавата за дневниот весник „Кронен цајтунг“.
Курц најави дека ќе биде вакциниран што е можно поскоро.
Претходно, на прашањето зошто не се вакцинирал на самиот почеток на вакцинацијата, Курц рече дека тој, како и другите членови на владата, не сака привилегиран статус, бидејќи на ред се ризичните групи. Кога станува збор за враќање на нормалноста, канцеларот повтори дека не очекува тоа да се случи многу наскоро.
– Во следните месеци, поради ниските температури, лошиот имунолошки систем ќе биде многу предизвикувачки. Третиот бран веќе силно погодува многу земји, како што се Чешка или Холандија. Сите овие се сигнали дека овој развој може да се случи и кај нас. Ќе треба уште време за соодветните групи да бидат вакцинирани – потенцира Курц.
На прашањето дали може да има четврто заклучување на државата, на пример, во март, Курц вели дека никој не може да ја исклучи таа можност, бидејќи целта е да се спречи тријажа на интензивната нега. Нагласи дека го загрижуваат факторите врз кои никој нема влијание, а тоа се, на пример, мутации, како што сега има во Велика Британија.