Австрискиот канцелар Себастијан Курц смета дека не постои прв или втор бран на коронавирус, но дека има само различни фази и дека тоа ќе биде случај сè додека не се појави вакцина или лек.
Канцеларот посочи дека постои и кластер што е поврзан со Западен Балкан.
Затоа, како што рече, неопходно да се спречи разгорувањето на настанатите жаришта и најави дека ќе бидат преземени мерки доколку е потребно.
– Верувам дека, сè додека нема вакцина или лек, ќе имаме различни фази – фази во кои бројот е подобар и оние што се потешки. Пред неколку дена, кога ја укинавме делумната обврска да се носат маски, реков дека маските не треба да се фрлаат, затоа што ќе ни требаат. Ќе имаме различни фази и ќе направиме чекор напред, а понекогаш и чекор наназад во борбата против ширењето на коронавирусот – објасни Курц во интервју за телевизијата „Пулс 4“.
Тој потсети дека имало речиси 70 новозаразени лица во понеделникот. Сепак, според него, добро е ако ширењето може да биде регионално ограничено и поврзано со специфични групи.
Во тој поглед истакна дека, во покраината Горна Австрија, нови случаи можат да бидат поврзани со црковната и мигрантската сцена.
Што се однесува до случајот со скијачкиот центар Ишгл, за кој многу европски медиуми тврдат дека е жариште што го прошири коронавирусот во Европа, Курц рече дека доколку има вина, ќе се утврди кој е виновен и тој ќе биде казнет.
– Сепак, нема да дозволиме некој од странство да нè обвини за светската пандемија. Ние секогаш ќе се спротивставиме на тоа – рече Курц.