Додека мерките за изолација се укинуваат, метежот и загадениот воздух се зголемува

Многу земји ширум светот воведоа строги мерки за движење со цел да го спречат ширењето на коронавирусот, особено во големите градови. Властите наредија затворање на сообраќајот, а граѓаните останаа во своите домови, што ги остави градовите невообичаено празни и тивки. Корона-кризата покажа како би изгледал светот без секојдневното аерозагадување предизвикано од сообраќајот, пренесува Би-би-си.  

Намалувањето на сообраќајот и празните улици предизвикаа друга последица – научниците забележаа драстичен пад на нивото на загадување на воздухот во почетокот на 2020 година во градовите и индустриските области во Азија, како и на другите континенти. 

Откако мерките  за изолација полека почнаа да се укинуваат, градовите се враќаат во старата состојба – преголем метеж во сообраќајот и загаден воздух. 

Ханои, Виетнам

– Забележавме значителен пад на загадувањето на воздухот низ градовите на Азија. Тоа што се случува сега е враќање на ситуацијата пред настанувањето на корона-пандемијата – вели Пол Монкс, професор кој се занимава со загадување на воздухот на Универзитетот во Лестер. 

Сателитските податоци од НАСА и Европската вселенска агенција покажаа дека во првите три месеци од 2020 година, нивото на азотниот диоксид било далеку пониско отколку во истиот период во 2019 година.

Јангон, Мјанмар

Азотниот диоксид се проценува дека доведува до смрт на околу три милиони луѓе годишно, и придонесува за глобалното затоплување.

Според податоците на НАСА, во Кина нивото на азотниот диоксид било пониско од 10 до 30 отсто од нормалата меѓу јануари и февруари годинава. Во Индија, каде небото исполнето со смог е вообичаена глетка во Њу Делхи, забележано е намалување на нивото на азотниот диоксид за околу 55 отсто измеѓу 25 март и 25 април. 

Две други студии, објавени во списанието „Географикал рисрч летерс“, откриваат дека нивото на азотниот диоксид паднало до 60 отсто во северна Кина, западна Европа и САД во почетокот на 2020 година.

Пекинг

Професор Монкс вели дека пандемијата ненамерно му дала можност на целиот свет да види како би изгледало кога би немало загадување.

– Пандемијата покажа што навистина може да постигнеме. Доколку би успеале да го декарбонизираме транспортот, би го постигнале тоа што го постигна изолацијата. Доколку земјите се сериозни во нивната борба против загадувањето и се грижат за ефектите од климатските промени, тие мора да ја научат лекцијата од пандемијата –  рече професор Монкс, поранешен претседател на советодавниот комитет на владата на Велика Британија за квалитет на воздухот.

Џакарта, Индонезија

Некои европски земји преземаат активности за да го намалат метежот во сообраќајот, да ја намалат употребата на автомобили. Италијанскиот град Милано објави дека во текот на летото ќе пренамени 35 километри од своите улици во велосипедски патеки.

Други земји исто така инсталираат привремени ленти за возење велосипед и ги затвораат патиштата за пристап на автомобилите.

– Можна е посветла иднина. Корона-кризата го покажа тоа – вели професор Монкс.