Кипарската влада три недели порано ќе ги укине повеќето ограничувања наметнати поради пандемијата затоа што стапката на инфекција со вирусот е постојано мала, дури и по укинувањето на забраната за заминување во странство пред еден месец.
Министерот за здравство, Констандинос Јоану, изјави дека третата фаза од постепеното укинување на ограничувањата ќе биде завршена на 24 јуни наместо на 14 јули, како што беше планирано. Од 9 јуни повторно ќе почнат со работа трговските центри, аеродромот, хотелите, баровите и рестораните, летното кино и театрите на отворено. Од тогаш повторно ќе има спортски натпревари, но без публика, ќе почнат со работа и градинките, детските игралишта, летните училишта и училишните мензи. Казината, училиштата за танцување, спортските сали, аква-парковите ги отвораат своите врати четири дена подоцна, на 13 јуни. Ограничувањето за собирање до 10 лица на јавно место ќе остане во сила најмалку до 24 јуни.
Кината и театрите се очекува да бидат отворени на почетокот на август, а концертите, фестивалите, свадбите, крштевања и прославите ќе бидат дозволени само од 1 септември.
До денес Кипар објави 952 заразени со коронавирус и 17 смртни случаи. Владата се обидува да ги направи сите подготовки за пристигнувањето на странските туристи, кои носат 13 проценти од домашниот бруто-производ на Кипар, но сега работат само неколку хотели.
Комерцијалните воздушни врски е предвидено да почнат на 9 јуни, првично до аеродромите на 13 земји, вклучувајќи ги Германија, Финска, Грција, Австрија и Израел, кои се избрани поради ниската стапка на инфекција. Патниците ќе треба да покажат здравствени уверенија дека не се заразени со коронавирус.
Кипарските претставници за туризам сметаат дека на 20 јуни може да почне летната туристичка сезона. Тие очекуваат дека тогаш обврската за патниците да имаат здравствени уверенија ќе биде укината, а ќе бидат дозволени летови од уште шест држави.
Кипарската влада се обврза да им ги плати сите трошоци за сместување, храна, пијалаци и лекување од ковид-19, како и семејните трошоци, на секој што е позитивен на тестот на вирусот за време на одморот на Кипар. Пациентите ќе треба само да плаќаат за такси-превозот до аеродромот и да се вратат дома.