Кинеските производители на вакцини размислуваат да ги комбинираат своите вакцини за да ја зголемат нивната ефикасност во заштитата од ковид-19.
Компаниите „Синовак“ и „Синофарм“, двата кинески производитела што извезле стотици милиони вакцини во целиот свет, наведуваат дека размислуваат да ги комбинираат своите вакцини со вакцините од другите компании, пренесува агенцијата „АП“.
На почетокот на овој месец, раководителот на кинескиот Центар за контрола на болестите, Гао Фу, рече дека постојните вакцини обезбедуваат мала заштита од коронавирус и дека нивното комбинирање е една од стратегиите што се разгледуваат за да се зголеми нивната ефикасност.
Кинеската компанија „Чајна нејшнел биотек груп“, подружница на „Синофарм“, има план за идна секвенцијална употреба на своите вакцини, изјави Ли Менг, шеф на компанијата задолжен за меѓународна соработка.
Таа компанија направи две инактивирани вакцини против ковид-19, а третата е на клинички испитувања.
Компанијата „Синовак“, со седиште во Пекинг, исто така соопшти дека е во прелиминарни разговори со истражители, вклучително и со кинескиот Центар за контрола на болестите, за комбинирање на дозите од вакцината „коронавак“ со други.
„Секвенцијалната имунизација значи комбинирање разни вакцини и тоа е стратегија што може да ги зголеми стапките на ефикасност“, рече Ешли Џон, имунолог на медицинското училиште „Дјук-НУС“ во Сингапур.
Вакцините на „Синофарм“ од Институтот за биолошки производи во Пекинг и Институтот за биолошки производи во Вухан се ефикасни 79, односно 72 процента, објави компанијата.
Практиката на комбинирање на вакцините се разгледува и во други земји, а британските научници ја проучуваат комбинацијата на вакцините на „Астра зенека“ и „Фајзер“.