Каталонија ќе ублажи некои од рестриктивните мерки следната недела, објави локалната власт.
Ова значи дека ќе бидат отворени спортските сали, кафулињата и рестораните, бидејќи бројот на заразени со коронавирус опаѓа и во покраината и низ цела Шпанија.
– Веруваме дека врвот на третиот бран е зад нас – рече каталонскиот министер за здравство Марк Раментол.
Мадрид претходно најави олеснување на мерките почнувајќи од утре.
Шпанија сè уште го има третиот најголем број на дневни инфекции во светот и притисокот врз здравствениот систем останува висок. Денес имало 29.960 новоинфицирани, а бројот на починати се зголемил за 432 на вкупно 60.802.
Забраната за напуштање на регионот Каталонија, освен од работни или здравствени причини, ќе се олесни постепено, а другите ограничувања воведени во јануари ќе останат на сила.
Големите продавници и трговски центри остануваат затворени, а помалите продавници со несуштинска стока ќе бидат отворени од понеделник до петок. Полицискиот час останува во сила од 22 до 6 часот наутро.