Казахстан денес почна со вакцинација против коронавирусот со сопствена вакцина „казвак“, која е во третата фаза од клиничките испитувања.
Државната телевизија јавува дека во Казахстан се дистрибуирани 50.000 вакцини од две дози, развиени од Државниот институт за истражување на биосигурност.
Министерот за здравство, Алексеј Цои, ја прими првата доза од вакцината во директен телевизиски пренос наведувајќи дека се чувствува добро и дека владата е во преговори со Турција за производство.
Казахстан е првата земја што почна со производство на руската вакцина „спутник В“, која досега беше доминантна во кампањата за имунизација против коронавирусот.
Според министерот за здравство, секој 20-ти човек во Казахстан е вакциниран од почетокот на кампањата, која почна во февруари.
Според денешните официјални податоци, досега повеќе од 309.000 лица биле заразени од коронавирусот, а 3.570 починале во Казахстан, кој има 19 милиони жители.