Италија планира да ги следи отпадните води низ целата земја за евентуално рано предупредување за ширење на нов бран на коронавирус, објави Националниот здравствен институт (ISS).
Следењето на отпадните води ќе се фокусира на приоритетни области како што се туристичките одморалишта во првата фаза која ќе трае во текот на јули. Во октомври, ќе започне да се шири во сите италијански градови.
Проектот, координиран од ISS, ќе биде спроведен од регионални агенции, локални здравствени власти, универзитети и 50 комунални претпријатија. Примероците од вода ќе бидат анализирани за да се откријат траги од вирусот кај популацијата.
– Овој пристап ќе може да предвиди каде циркулира вирусот – рече Лука Лукентини, директор на одделот за квалитет на водата на ISS.
Во јуни, ISS објави дека научниците пронашле траги од коронавирус во отпадните води на Милано и Торино во декември 2019 година, посочувајќи дека ковид-19 циркулирал во северна Италија дури и пред Кина да ги потврди првите случаи на инфекција.
Истражувањата во Холандија, Франција и Австралија исто така откриле траги од вирусот во канализацијата, па многу земји започнале со анализи на отпадните води заради следење на болеста.
Италија е една од земјите што е најтешко погодена во пандемијата со 242.114 заразени и 34.914 мртви.