Италија би можела да ја направи вакцинацијата задолжителна за сите лица кои се медицински и возрасно квалификувани, и планира да започне со зголемени дози подоцна овој месец, прво со луѓе со придружни болести, изјави денеска премиерот Марио Драги.
Владата веќе ја направи вакцинацијата задолжителна за медицинските работници, но Драги рече дека можеби сите ќе треба да се вакцинираат кога Европската агенција за лекови (ЕМА) ќе даде целосно одобрување на вакцините, објави „Ројтерс“.
ЕМА досега даде условно одобрување на четири производители „Фајзер/Бионтек“, „Модерна“, „Џонсон и Џонсон“ и „Астра зенека“.
Доколку ЕМА даде целосно одобрување, во тој момент, според Драги, вакцинацијата може да стане задолжителна за сите квалификувани.
Премиерот на Италија додаде дека е убеден дека до крајот на месецот, 80 проценти од граѓаните постари од 12 години можат целосно да се вакцинираат, наспроти сегашните 70,5 проценти.
Тој додаде дека владата планира да ја прошири употребата на таканаречената зелена карта, која е потребна за подолги патувања, пристап до многу слободни активности, а исто така е задолжителна за вработените во училиштата.