Претседателот на италијанскиот регион Кампанија, Винченцо Де Лука, се закани кон населението со нови построги мерки, пишува агенцијата „Анса“.
Тој се закани дека ќе воведе мерка за затворање на продавниците, баровите и други јавни установи, доколку вработените или клиентите не носат заштитни маски.
– Не сум загрижен, јас сум супер-загрижен. Во септември, кога започнува новата учебна година, ризикуваме инфекцијата да се врати на големо – рече Де Лука на прес-конференција.
Во врска со организираните патувања, Де Лука вели дека сите транспортни компании треба да се угледаат на железницата која ги запира возовите доколку се забележат патници кои не носат заштитна маска.
– Луѓето кои не носат маска и кои не ги почитуваат мерките се нецивилизирани идиоти. Ние мора да ги изложиме на јавен потсмев. Тие го загрозуваат здравјето на сите нас. Ако владата ги отвори, како што е и нормално, меѓурегионални железнички врски, ние мора да инсистираме на одговорно однесување на граѓаните бидејќи во спротивно, ќе бидеме присилени да воведеме строги мерки на забрани и ограничувања – рече Де Лука.
Винченцо Де Лука, претседател на јужниот регион Кампанија, е познат по своите видео-пораки до граѓаните за време на карантинот, а некои од неговите пораки станаа светски познати, како на пример кога се закани дека ќе испрати карабинери со фрлачи на пламен на матурски забави, кои беа забранети за време на пандемијата.