Ковид-19 е пандемија што се случува еднаш во столетието. Но, исто така претставува невидено фијаско. Во време на лажни вести, потребни се веродостојни информации за да се носат разумни одлуки, пишува Џон Јоанидис во неговата колумна за порталот „Статњуз“.
Наметнатите мерки и чекањето на вакцина за ковид-19 може да трае со месеци, па дури и години. Три месеци по избивањето на заразата, светот нема доволно тестови, а ниедна земја нема доверливи податоци за пандемијата. Поради ограничените капацитети, дискриминацијата при тестирањето во иднина дури и ќе биде поизразена. Единствено место каде што беа тестирани сите е крузерот „Дајмонд Принцес“.
Некои експерти тврдат дека стапката на смртност од ковид-19 е помала од сезонскиот грип. Доколку ова е вистина, изолирањето на светот со огромни општествени и финансиски последици е тотално ирационално. Сепак, познатите типови на коронавирус досега имаат висока стапка на смртност, главно кај постарите лица, што достигна до осум отсто на годишно ниво. Но, нивните случаи не се регистрирани, ниту тестирани.
Во серија обдукции направени во 2016-2017 година, кај 57 постари лица, вирусите на грип биле застапени кај 18 отсто, додека респираторни вируси кај 47 отсто од починатите. Во некои случаи имало повеќе од еден вирус, но тоа не значи дека респираторните вируси секогаш биле главна причина за смртта.
– Обидот да се избегне пренатрупаноста на здравствениот систем, во теорија исто така е логичен. Без доволно податоци, подготовките за најлошото со употреба на екстремни мерки доведуваат и до несакани последици. Никој не знае колку долго ќе трае пандемијата. За да се прават разумни одлуки, потребни се непристрасни податоци за распространетоста и смртноста на коронавирусот – заклучува Јоанидис.