Претседателот на Филипини им се закани на граѓаните

Филипинскиот претседател Родриго Дутерте се закани дека ќе ги затвори граѓаните кои одбиваат да примаат вакцина против коронавирус.

– Вие одлучувате – или ќе ја примите вакцината или ќе одите во затвор – рече Дутерте во телевизиско обраќање, по извештаите за слабиот одговор на вакцинацијата на повеќе локации во главниот град на Манила.

Неговата изјава е во спротивност со претходните пораки на здравствените власти дека вакцинацијата е доброволна, иако е охрабрена, пишуваат светските агенции.

– Не ме сфаќајте погрешно, има криза во земјата. Јас сум огорчен од Филипинците кои нема да ја послушаат владата – објасни Дутерте.

Заклучно со 20 јуни, 2,1 милиони луѓе се целосно вакцинирани на Филипините, што е многу мал напредок со оглед на тоа што целта на владата е да имунизира до 70 милиони луѓе до крајот на годината.

Во земја со 110 милиони жители досега се потврдени над 1,3 милиони случаи на заразени со коронавирус, а повеќе од 23.000 лица починаа.