Во фабриката за храна „Гринкор“ во Нортемптон, Англија, регистрирани се 292 заразени работници со ковид-19. „Гринкор“ произведува сендвичи и за познатиот трговски синџир „Маркс енд Спенсер“. „Гринкор“ соопштил дека првично 79 работници биле позитивни на ковид-19, поради што компанијата направила дополнително тестирање и се откриени уште 213 случаи. Фабриката со 2.100 вработени соопштила дека дел од работниците се во самоизолација, објави „Гардијан“.
Избувнувањето на заразата во фабриката во Нортемптон има сличности со случајот во Западен Јоркшир, каде што165 вработени во погон за обработка на месо во сопственост на компанијата „Асда“ се заразиле со вирусот во јуни.
„Гардијан“ известува дека повеќе од 450 работници во четири фабрики за храна низ Англија и Велс биле позитивни на тестовите за коронавирус уште во јуни. Здравствените институции на Англија внимателно ги следат кластерите на нови случаи поврзани со погони за преработка на храна по слични појава во Франција и САД. Во САД, дури 25.000 работници во индустрија за месо и живина се позитивни на коронавирусот, со најмалку 93 смртни случаи.