Големите разлики меѓу стапките на смртност предизвикана од ковид-19 го отворија прашањето во врска со начинот на кој различни земји ги следат бројките на заразени од пандемијата. Експертите за епидемиологија тврдат дека властите не ги следат правилно смртните случаи од коронавирусот, пренесува шпански „Ел Пас“.
Бројни лажни вести се појавија на социјалните мрежи, во кои Германија и Холандија се обвинувани дека го кријат официјалниот број на починати од коронавирусот, а во Велика Британија, властите бараат дозвола од членови на семејството дали да ги вклучат нивните блиски во официјалното броење на починатите.
Во Шпанија, на пример, властите не ги бројат починатите кои не се тестирани, ниту оние кои починале во домовите за старци. Проблем е и утврдувањето на точните бројки на заразените. Тестирани се мал број луѓе, главно поради недостиг на тестови, што исто така доведува до поголема стапка на смртност.
Според Вишиот институт за здравство, Италија ги брои сите пациенти кои тестирале позитивно и починале, без претходно да ги земат предвид другите аспекти на нивната клиничка историја.
Во Велика Британија, пред епидемијата да стане очигледна, пациентите што починаа од респираторно заболување не беа вброени, а причината за смртта не беше објавувана, освен доколку не биде законски побарано, како во случаите на антракс, ботулизам, маларија или туберкулоза. Од 5 март, ковид-19 е додаден на листата. Откако бројката на потврдени случаи надмина 500, тамошните власти предупредија дека е можно да се соочат со бројка од 5.000 до 10.000 заразени.
Во Франција, пак, властите ги бројат случаите само во оние болници и клиники кои се грижат за пациенти заразени од ковид-19. Ова не ги вклучува старите лица починати во нивните домови, ниту во домовите за нега, кои бројат 7.000 ширум земјата. Откако се појавија и вакви случаи, францускиот претседател Емануел Макрон објави дека и нивната броја ќе почне да се следи, почнувајќи од оваа недела.
Нешто слично се случува и во Шпанија, каде 352 лица починаа во старечки домови, а Министерството за здравство не даде официјална бројка за починатите од коронавирусот во овие домови . „Ел Пас“ пишуваше за побараната помош од домовите за нега, како и за недоволниот број на персонал и опрема во старечките домови.
Во Германија, каде што стапката на смртност е 0,72 отсто, има контроверзи околу фактот што податоците понудени од институтот „Роберт Кох“ доцнат и заостануваат во однос на оние понудени од универзитетот „Џонс Хопкинс“, кој го следи ширењето на вирусот ширум светот. Исто така, починатите посмртно се тестирани, но извор за „Ел Пас“ не потврдува дали сите сомнителни случаи се подлежени на тестирање.
Во Холандија, пак, тестирани се само хоспитализираните пациенти, а се претпоставува дека потенцијалниот број на заразени е многу повисок.