Зошто беше потребно толку долго време за Владимир Путин да се вакцинира против коронавирусот, и покрај тоа што ја промовираше ефикасноста на руската вакцина и го повикуваше руското население да се имунизира, прашува „Њујорк тајмс“ откако рускиот претседател вчера ја прими првата доза од вакцината против ковид-19.
Според правилата за вакцинација во Русија, Путин е во категоријата приоритетни граѓани за примањето на ковид-вакцина уште од крајот на декември минатата година, бидејќи тој има 68 години. Затоа, одолговлекувањето на вакцинацијата на Путин покрена бројни шпекулации во земјата и надвор од неа.
– Путин не е срамежлив за да ја покаже неговата добра физичка форма, според бројните фотографии на кои тој честопати е гол од појасот нагоре додека е во дивината и ужива во лов и риболов. Тој минатиот месец за руските медиуми изјави дека прима годишни вакцини против грип и спомена дека најверојатно ќе се вакцинира против коронавирусот кога ќе се вакцинира против грип наесен – наведува „Њујорк тајмс“.
Покрај „спутник в“, Русија одобри за итна употреба уште две руски развиени вакцини – „ЕпиВакКорона“ и „КовиВак“ – чии клинички испитувања сè уште не се завршени.
– Сепак, извештаите на руските медиуми укажуваат на друга причина за одложувањето на вакцинацијата на рускиот претседател – недостиг во производството што официјалните лица неодамна го признаа. А одложувањето на вакцинацијата на Путин можеби е од причина што земјата се соочи со непланиран извоз на „спутник в“ и имаше недоволен број на дози за домашна употреба – пишува американскиот весник.
За разлика од повеќемина светски лидери, Путин не се вакцинираше пред камерите, бидејќи, како што вели портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на рускиот претседател не му се допаднала таа идеја и досега ја промовирал вакцинацијата на други начини. Песков претходно изјави дека нема да открие која вакцина ја примил Путин бидејќи, како што наведува, сите три руски вакцини се сигурни и ефикасни, пренесуваат руските агенции.
Вакцинацијата, сепак, стави крај на повеќемесечните шпекулации за имунизацијата на рускиот претседател. Путин исто така најави планови за производство на доволен број дози за возрасното население на Русија до август годинава.