Експертите предвидуваат катастрофа, но никој не сака да ја плати цената однапред
Авторка:Малка Олдер
Форин полиси
Катастрофите честопати се прикажуваат како ненадејни настани, но повеќето од нив се предвидени, барем од нечија страна. Управувачите и истражувачите на катастрофи знаат кои се најголемите ризици и можат да изготват акциски планови. Ова делумно е така затоа што на многу луѓе, како што може да се забележи, навистина добро им оди фантазирањето на лоши сценарија дури до најситни детали. Уште поважно е што постои исто така голем број на луѓе кои ја проучуваат сеизмологијата, епидемиологијата, метеорологијата, социологијата и други сфери кои се занимаваат со ризици и катастрофи.
Тоа е јасно во пракса. Честопати катастрофата се замислува и моделира со невидена точност уште пред да се појави. Како пример ќе го земеме ураганот „Пам“, симулациска вежба која беше изведена во Њу Орлеанс токму една година пред ураганот „Катрина“, која воедно ги опфаќаше сите предизвици што можат да настанат од вистинска бура. Друг пример е проектот на непрофитните медиумски организации „Тексас трибјут“ и „Пропублика“ кои ги предвидоа последиците од ураганот „Харви“ од 2017 година. Трет пример е земјотресот во Палу во 2018 година.
Ова важи и за пандемијата. Научниците барем еден век знаат, уште од 1918 година со шпанскиот грип, за ризиците од болеста во еден глобализиран свет каде што вирусот може да „скокне“ од еден селски пазар во метропола на другиот крај на светот за само неколку дена. Епидемиите на САРС и свински грип ги потсетија владите, невладините организации и корпорации да ги обноват нивните планови за справување со и преживување на епидемиите. Американското министерство за здравство и човечки услуги спроведе серија на вежби со сценарио за пандемија на почетокот од 2019 година.
Ако знаеме кои се предизвиците, зошто тогаш толку многу земји се лошо подготвени за справување со вакви катастрофи? Првиот важен одговор е што многу од овие предупредувања навистина помагаат, особено во земјите кои сериозно ги сфаќаат. Искуството од САРС, МЕРС и свинскиот грип покажа дека источноазиските земји генерално се поподготвени за справување со коронавирусот. Симулацијата на ураганот „Пам“ покажа свесност што може такво нешто да му направи на Њу Орлеанс, но исто така ги истакна проблематичните области кои властите ги занемарија, како што е тешкотијата за евакуирање на лица кои немаат автомобили. Плановите не беа игнорирани во целост како што покажуваат сенаторските извештаи за ураганот „Катрина“. Иако плановите биле изготвени во симулацијата, сепак не биле завршени на време, па затоа властите презеле иницијативи да користат концепти наведени во привичните планови и забележале комбиниран успех. Проблемот не е во незнаењето како да се постапи, туку всушност во самото спроведување и во вложувањето во подготовки пред да биде предоцна.
Како што покажува и самиот пример со ураганот „Катрина“, темпирањето е многу важно. Иако имаме добри познавања за можни катастрофи, каде можат да се случат, што ќе предизвикаат, кој ќе биде погоден најмногу, сепак не можеме да го предвидиме времето. Поради неможноста за прецизност, носителите на одлуки ги одложуваат подготовките. Истражувањата покажуваат дека инвестициите значително се исплаќаат ако се скрати времето на реагирање и парите во справувањето со катастрофите. Лидерите се надеваат дека предвидената катастрофа ќе го избегне нивниот мандат и буџетот го пренаменуваат за поконкретни цели.
Не се работи само за парите. За многу катастрофи, ефикасната подготовка значи носење непопуларни одлуки, односно да се апелира кај народот да не гради или живее на места ризични од поплави или на крајбрежјето, со што се дава предност пред индустријата и ограничувањето на движењето. Еден раководители за справување со кризи од Кесенума, Јапонија, каде што протекувањето на нафтените резервоари предизвикаа катастрофален пожар како резултат на цунамито од 2011 година, посочи дека властите не само што ги игнорирале ризиците, туку и нафтените танкери продолжиле да се движат по крајбрежјето. Свесна за опасноста, владата сепак не сакала да ја ограничи економската активност.
Најочигледен пример се климатските промени. Сите сме свесни што треба да се направи, како да се спречи заканата, а сепак го игнорираме проблемот и го препуштаме на некој друг, друга држава или генерација да ги направи потребните промени и да ја плати цената. Едно истражување покажува дека еден долар вложен во подготовки просечно спречува штета вредна 15 долари.
Слично се случи со пандемијата од ковид-19. Иако се случува секаде, покрај рационалното размислување дека државите треба да реагираат пред да го почувствуваат ударот, сепак има одложувања и неподготвеност.
Владините и медиумските извештаи се преполни со зборовите „невидено“ и „незамисливо“ со цел да учиме од грешките (поретко од успесите) за да се погрижиме во иднина поефикасно да се справиме со кризите. Но внимателно документираните лекции ретко добиваат средства и внимание од страна на политичарите. По секоја катастрофа луѓето чувствуваат олеснување и се враќаат на нормалното функционирање, заборавајќи ги погодените. Бирото за намалување на ризиците и катастрофите на ООН откри дека „по секоја криза се јавува волјата за правење планови за намалување на ризиците и враќање на нормалната состојба“.
Знаеме какви катастрофи можат да случат, а знаеме како и каде. Да бараме од нашите лидери да го преточат тоа знаење во пракса.
Превод: Билјана Здравковска