Три региони во Квебек, Канада, вклучително и Монтреал, од четврток ќе бидат ставени под строги епидемиолошки мерки.
Според мерките, не е дозволено да се примаат гости дома, освен негуватели, бебиситерки или даватели на услуги, а ќе бидат затворени рестораните, баровите, казината, кината, музеите. Мерките ќе бидат во сила 28 дена.
Рестораните ќе мора да ги затворат своите сали, вклучително и тераси, но може да останат отворени за услуги за достава на храна.
Владата препорачува луѓето да го ограничат патувањето меѓу регионите.
Ваквите мерки следуваат откако Квебек вчера пријави 750 нови случаи, од кои 245 во Монтреал.
Квебек најави и промена во пристапот на тестирање. Покраината сега бара од луѓето да бидат тестирани само ако имаат симптоми на ковид-19 или ако знаат дека биле во контакт со заразено лице. Луѓето кои не спаѓаат во ниту една од овие категории не мора да бидат прегледани освен ако не препорача доктор.