Патниците за Австралија ќе мора да покажат негативен тест на ковид-19 пред да се качат во авионот, додека градот Бризбејн започна тридневен карантин, откако откри нов позаразен вид коронавирус кај хотелски работник во објект што служи како карантин за патниците.
„Не е познато дали хотелската чистачка била заразена од некој што пристигнал од Велика Британија, но сега сите треба да покажат негативен тест за да патуваат во Австралија – премиерот Скот Морисон ја најави новата мерка.
„Негативниот тест не е сигурен, но позитивниот, секако, значи дека тие нема да дојдат“, изјави за новинарите високиот медицински службеник Пол Кели, пренесува „Ројтерс“.
Од денес, па во следните три дена повеќе од два милиони жители на Бризбејн, во австралиската држава Квинсленд, третиот по големина град во Австралија, нема да можат да ги напуштат своите домови, освен за основните потреби.
Мерката следуваше откако една работничка во хотел што служи како карантин беше позитивна на новиот вид ковид-19, кој прв пат беше откриен во Велика Британија.
Другите држави брзо тргнаа да го изолираат Квинсленд.
Западна Австралија објави дека луѓето од Квинсленд не можат да патуваат таму, а други воведоа задолжителен карантин за пристигнувања од земјата.