Европската Унија може да го блокира извозот на милиони дози вакцини против коронавирус во Велика Британија во наредните денови.
Тоа би бил одговор на Брисел на големиот недостиг на залихи на вакцини во земјите-членки.
Откако англиско-шведската компанија „Астра зенека“ минатата недела објави дека ќе треба да ги намали испораките на својата вакцина за ЕУ за 60 проценти во првиот квартал поради проблеми со производството, Европската комисија објави дека ќе воспостави нов механизам за авторизација со што би им дала на националните регулатори овластување да одбијат извоз на вакцината.
Ова предизвикува загриженост дека ќе биде загрозен континуираниот прилив на вакцината на „Фајзер“ во Велика Британија, која нарача 40 милиони дози.
– Постои можност под одредени околности да не дозволиме извозот да се реализира – рече еден официјален претставник.
Според анализата на компанијата Airfinty, доколку Велика Британија биде принудена да зависи само од вакцините произведени во земјата, постигнувањето на имунитет, за кој е потребна имунизација на 75% од населението, може да се одложи за скоро два месеци.
Како што се менуваат плановите за национална имунизација, „Астра зенека“ одбива да ги пренасочи дозите произведени во фабриките во Оксфорд и Стафордшир, а Брисел бара начини да обезбеди резерви, но властите велат дека се надеваат дека нема да има потреба да се забранува извоз на вакцини во Велика Британија, како на пример вакцината на „Фајзер“, произведена во Белгија.
Во Брисел велат дека одлуката на британската влада да го блокира извозот на одредени лекови против коронавирус е причина Брисел да се заштити од акти на протекционизам ширум светот.