Дигиталните т.н. зелени сертификати, кои треба да станат оперативни во ЕУ до почетокот на летото, ќе бидат издавани за сите вакцини против ковид-19, а граѓаните на трети земји исто така ќе може да ги имаат, беше објавено денеска во Брисел.
Европскиот комесар за правда, Дидие Рејндерс, на дебата пред Комитетот за слободи и правда на Европскиот парламент рече дека главната цел на дигиталните зелени сертификати е да го олеснат слободното движење во ЕУ и да им помогнат на граѓаните да го вратат своето право на слободно патување на начин приспособен на здравствената состојба.
– Европската комисија предложи дигиталните зелени сертификати да се прошират на државјани на трети земји, кои живеат или легално патуваат во ЕУ. Со текот на времето европските зелени сертификати треба да станат интероперабилни со стандардите на меѓународно ниво. На среден рок системот треба да се усогласи, така што сертификатите издадени од трети земји автоматски ќе се прифаќаат во ЕУ – рече Рејндерс.
Тој во Европскиот парламент додаде дека сите граѓани на ЕУ ќе добијат ист третман кога ќе бидат укинати ограничувањата за патување и дека сертификати ќе се издаваат за сите вакцини, без оглед дали се одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА) или не.
– Земјите членки ќе бидат обврзани да ги прифатат вакцините што се одобрени на ниво на ЕУ, но ќе може слободно да ги прифаќаат и сите други вакцини – нагласи Рејндерс.
Потенцира и дека дигиталните сертификати ќе може да се користат само за слободно движење и дека секоја друга употреба на национално ниво мора да биде законски утврдена, пропорционална и недискриминаторска.
Хрватска и 12 други членки на Европската Унија веќе постигнаа договор за критериумите за издавање на т.н. ковид-пасоши, односно зелени пасоши, кои би го олесниле протокот на туристи за време на пандемијата, беше објавено вчера.
Зелениот пасош ќе обезбедува информации преку кјуар-код за тоа дали неговиот носител е вакциниран, тестиран или прележал коронавирус.