Европска комисија понуди 80 милиони евра финансиска поддршка за германската биофармацевтска компанија „ЦуреВац“ за забрзување на развојот и производството на вакцина против новиот коронавирус.
Претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лејен и еврокомесарката за иновации и истражувања Марија Габриел вчера преку видео-врска разговараа со управата на „ЦуреВац“, а во разговорот учествуваше и потпретседателот на Европска инвестициска банка (ЕИБ), Амброаз Фајол.
„ЦуреВац“ е формирана во 2000 година и разви нова технологија со која е надмината една од најважните препреки за употреба на вакцината – потребата да се одржи стабилна без ладење.
Прелиминарните истражувања покажуваат дека таа технологија ветува брз одговор на ковид-19.
Компанијата веќе почна своја програма за развој на вакцина за коронавирусот и се проценува дека клиничкото тестирање ќе почне до јуни годинава, соопшти ЕК.
Според германските медиуми, американскиот претседател Доналд Трамп се обидува германските експерти од „ЦуреВац“, кои работат на вакцината против ковид-19, да ги доведе во САД нудејќи им голема сума или да обезбеди ексклузивни права на вакцината.