Светски познатата платформа за изнајмување на сместување, „Еирбиенби“, поради пандемијата на коронавирусот воведе забрана за сите забави и настани во просториите што се издаваат под наем.
Како што објавија на нивната веб-страница, тие воведуваат „глобална забрана за сите забави и настани во интерес на јавното здравје“, пренесува Би-би-си.
Забраната важи за сите идни резервации и ќе остане на сила до следното наредно известување, се вели во соопштението на компанијата.
Новите правила исто така предвидуваат максимум до 16 лица во сите простории што се изнајмуваат.
– Некои луѓе решија да го пренесат однесувањето од баровите и клубовите по домовите, дури и оние изнајмени преку нашата платформа. Сметаме дека таквото однесување е крајно неодговорно и не сме заинтересирани за тој вид на работење. Секој што овозможува или дозволува такво однесување не припаѓа на нашата платформа – соопштија од „Еирбиенби“.
Компанијата додава дека оние што ќе ја прекршат оваа забрана ќе бидат законски гонети за кршење на новите правила.