Европската комисија денес препорача постепено и координирано укинување на ограничувањата за патување помеѓу земјите членки или регионите во нив кои имаат слична епидемиолошка ситуација со цел да спаси што е можно повеќе годинашната туристичка сезона.
Комисијата објави упатства и препораки, кои не се обврзувачки за земјите членки, но кои можат да помогнат да се координира укинувањето на патните ограничувања и постепеното активирање на туризмот по неколкумесечен целосен застој поради пандемијата на коронавирус.
Пакетот за туризам и транспорт, објавен од Комисијатаа, вклучува: стратегија за обновување на туризмот оваа година и пошироко, заеднички пристап за воспоставување слобода на движење и укинување на ограничувањата на внатрешните граници на ЕУ на постепен и координиран начин, рамка за постепено воспоставување на патничкиот сообраќај со цел да се гарантира безбедноста на патниците и вработените; препораки да се направат ваучерите поатрактивна алтернатива за враќање на парите за откажани патувања и критериуми за безбедно извршување на туристичката дејност и развој на здравствени протоколи за сместувачки капацитети.
Комисијата потенцира дека пристапот на постепено отворање мора да биде доволно флексибилен за да може повторно да се воведат ограничувања доколку тоа го бара епидемиолошката состојба.
Комисијата предлага земјите членки да се водат според три критериуми при укинување на ограничувањата. Првата е епидемиолошка, втората се однесува на можноста за спроведување на рестриктивни мерки во текот на патувањето, вклучувајќи го и преминувањето на границите и дополнителни мерки каде што физичкото растојание е тешко да се обезбеди. Третиот критериум ги зема предвид економските и социјалните аспекти при што се препорачува да се даде приоритет на прекуграничните движења во клучните економски области, вклучувајќи ги и личните причини.
Особено е важен принципот на недискриминација според државјанство. Комисијата посочува дека, кога една земја членка ќе одлучи да дозволи влез на нејзината територија, тоа мора да се направи на недискриминаторски начин, односно на сите лица, без оглед на националноста, кои живеат во земји или региони со слична епидемиолошка ситуација, мора да им се дозволи да влезат.