Автор: Том Филипс

Гардијан

Едни вооружени со тавчиња, а други само со својот глас. Незадоволните граѓани од прозорците и терасите секоја вечер викаат „надвор Болсонаро“, тропајќи на тенџериња и тавчиња со дрвени лажици, како начин да го изразат своето незадоволство од ултрадесничарскиот бразилски претседател. Драконските мерки воведени со цел да го спречи ширењето на коронавирусот натера милиони Бразилци да седат дома со што не можат да го искажат својот револт на улиците.

– Повеќе не можеме да прифатиме личност каква што е нашиот претседател – порача Вилма Дутра де Оливеира, професорка по јазици од Леблон, богата населба на крајбрежјето од Рио де Жанеиро, која секоја вечер во 20.30 часот се придружува на протестот.

Причината за овие протести беше одговорот на Болсонаро на пандемијата на коронавирусот, која тој ја нарече хистерија, измислица и медиумски трик. Како што вирусот се појави во Бразил на почетокот од овој месец, бразилскиот лидер предизвика гнев со тоа што ги поттикна уличните собири за негова поддршка и триумфално се мешаше со поддржувачите, одбивајќи ги медицинските совети да остане дома откако бил изложен на болеста за време на патувањето во САД.

– Имам чувство дека претседателската фотелја е празна, дека немаме претседател, туку еден кловн кој не знае што прави – порача Оливеира (56).

Мауро Вентура, бразилски писател кој исто така протестира, изјави дека револтот на прозорците покажува пошироко и потиснато незадоволство од едногодишната администрација на Болсонаро, а кризата со коронавирусот само беше причина за кулминација.

Откако поранешниот армиски капетан седна на претседателската функција во јануари минатата година, тој отуѓи милиони граѓани со неговите напади на малцинствата, човековите права, уметноста, Амазон, а постојат извештаи за наводна поврзаност на неговото семејство со мафијата од Рио.

– Коронавирусот е последната капка што ја прелеа чашата. Но станува збор за нешто подлабоко и поголемо што се однесува на начинот на кој ја води државата – порача Вентура (56), кој се надева дека неговото тавче ќе го искаже „крајното незадоволство“ од насоката во која Бразил се движи.

Оливеира е против администрацијата на Болсонаро уште од првиот ден за разлика од многу соседи во Леблон, една од најбогатите населби во Рио, каде што десничарските популисти добија огромна поддршка на изборите пред две години. Но размерот на актуелните протести покажува дека се менува насоката во политиката, со тоа што многу некогашни поддржувачи на Болсонаро сега се откажуваат од него.

Жанет Беса Невес, пензиониран социолог и жителка на таа населба, вели дека исто така ја забележала промената кај средната и високата класа. Оливеира додаде дека не очекува актуелните протести да доведат до брза промена, иако многу експерти сметаат дека Болсонаро сериозно си ги наруши шансите за негов реизбор во 2022 година. За Вентура единствената негативна страна е што скршил две дрвени лажици за време на протестот со тавчињата.

Превод: Билјана Здравковска