Автор: Сабин Селими
Извор: Республика
Кога ќе заврши пандемијата, очекувајте државите да се вратат со поголема власт и поголем легитимитет
Замислете го за момент следново сценарио: епидемија на коронавирус кој потекнува од непознат извор и се пренесува на луѓе, која постепено преминува во вирус кој се пренесува помеѓу луѓето и доведува до широка пандемија. Во секојдневната интеракција, овој вирус интензивно го пренесуваат луѓе кои покажуваат умерени симптоми. Болеста потекнува од Кина, најпрвин тивко и бавно но потоа започнува со голема брзина да се шири и во рамките на здравствениот систем. Кога ќе почне да се шири од човек на човек, се случува експлозија на пандемијата. Таа се „извезува“ со меѓународниот авионски и друг превоз во многу други држави во светот, болеста продолжува да се шири и доаѓа ситуација во која ниту една земја не е во можност да има контрола врз пандемијата. Светската здравствена организација (СЗО) објавува пандемија на коронавирус кој ја предизвикува болеста ковид-19 и која сега се има раширено во речиси секој дел од светот. Во првата година нема вакцина за овој вирус. Со оглед на тоа дека целото човештво е загрозено, во првите недели од пандемијата кумулативниот број на заразени експоненцијално се зголемува. Како што се зголемува бројот на заразени и на смртни случаи, економските и општествени последици стануваат сè поголеми.
Очигледно дека горенаведеното сценарио сега е реалност, но истото беше незамисливо пред само неколку недели, а сепак можеше да се спречи, и токму поради тоа можеме да го окарактеризираме како „бел лебед“. Епидемијата и нејзините последици се опишуваат како „црниот лебед на 2020 година“, но можеби користиме и погрешна метафора на птица за да посочиме на сегашната глобална ситуација. Поимот „црн лебед“ е воведен од професорот по финансии Насим Талеб, инаку писател и поранешен агент за трговија на Волстрит. Во 2007 година има напишано популарна книга, „Црниот лебед“, пред да се случат настаните кои доведоа до финансиската криза во 2008 година. Поконкретно, „црн лебед“ се користи да се опише настан кој бил невозможно да се предвиди и кој излегува надвор од рамките кои нормални би биле очекувани за една ситуација, и притоа има значителни последици. Од друга страна, Талеб вели дека актуелната пандемска криза е бел лебед, ако таков би постоел, затоа што никој не можеше да ја предвиди епидемијата на коронавирусот која драстично го промени текот на историјата, општествата и светската економија, а што е најважно, можела да биде спречена. „Црните лебеди“ (во нашиов случај бели лебеди) често создаваат хаос и се двигатели на големи промени. Сето тоа го покренува прашањето: како ќе изгледа меѓународниот систем по завршувањето на пандемијата?
Неистражените територии
Терористичките напади од 11 септември 2001 година го шокираа светот, како и финансиската криза во 2008 година, но ниту еден од нив не може да се спореди со пандемијата на коронавирусот. Важно е да се запамети дека епидемијата не значи крај на светот ниту на историјата, но факт е дека таа значително ќе го промени сегашниот меѓународен систем. Балансот на моќта во светот ќе се промени, како и иднината на глобализацијата. Овој смртоносен вирус кој е негативен за целиот свет нè води во „неистражени територии“. Кога ќе завршат мерките, ние мора да бидеме подготвени да се соочиме со нови реалности во новиот свет кој ќе следи потоа.
Брзото ширење на респираторната болест ковид-19 претставува неуспех на современиот меѓународен систем и на неговите институции. Фактот дека на Советот за безбедност на Обединетите нации му требаше толку долго време да се состане и потоа многу општо да разговара за пандемијата, е јасен знак за неговата неважност. Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гуетереш, изјави дека „Односот помеѓу најголемите сили никогаш не бил толку дисфункционален како денес. Коронавирусот сè повеќе е видлив, и ние или ќе се обединиме против него…, или ќе бидеме поразени.“ Европската Унија исто така не знаеше што да прави кога вирусот започна да се шири со брзина на шумски пожар, почнувајќи со Италија како епицентар во Европа. Иако државите кои не беа веднаш засегнати од пандемијата беше очекувано да бидат оние кои ќе имаат помалку координирани активности на ниво на ЕУ, како главен губитник во целата ситуација се покажа Брисел. Уште повеќе, една институција која е во можност да ја предводи меѓународната здравствена политика и ефективно да одговори на пандемијата е СЗО. Сепак, токму во време кога итно беше потребно вакво меѓународно здравствено лидерство, кредибилитетот на оваа организација беше предмет на значителни напади.
Првиот инстинкт на секоја поголема економија (по која следат и други) е затворање на нејзините граници и свртување кон себе. Структурната слабост на меѓународниот систем и на меѓународниот здравствен шок дополнително ќе оди во прилог на протекционистичките тенденции на државите. Сега се движиме во насока на помал свет. Кога ќе заврши пандемијата, очекувајте државите повторно да се вратат, но сега со поголема власт и поголем легитимитет. Очекувајте од државите почесто да интервенираат во економските прашања за да се избегнат непредвидливи извори на снабдување и да се има енергетски резерви. Реакцијата на светот на оваа криза го оправдува нивниот хобсов поглед на светот. Луѓето ќе сакаат државата да биде присутна секаде и да биде семоќна, како што ќе се зголемува побарувачката за стабилност. Како последица од тоа, општествата е можно да станат повеќе свртени кон самите себе. Строгите мерки и патните ограничувања имаат потенцијал да ѝ дадат легитимитет на националистичката реторика околу граничните ѕидови, без разлика дали тие ѕидови се конкретни или привидни.
Момент на стратешка можност за Кина
Една држава која е веројатно дека ќе излезе посилна од оваа пандемија е Кина. Во периодот кога се случи вирусот во Вухан, преовладувачкото мислење во западните земји беше кризата да се следи со игнорантност. Сето тоа се промени кога Италија беше зафатена со повеќе од илјадници случаи и огромен број мртви. Она што започна како катастрофа за Кина се претвори во момент на стратешка можност. Како што бројот на нови случаи во Кина се намалуваше на дневно ниво, Пекинг започна дипломатска офанзива на испраќање медицинска и стручна помош на државите кои имаат проблем да ја ограничат пандемијата. Ова е моментот Кина да се репозиционира себеси на светската сцена. Малку е веројатно дека таа ќе ги намали трошењата за армијата и ќе ја напушти досегашната надворешна политика, туку се чини дека ќе ја искористи оваа можност и ќе се претстави себеси како одговорен глобален лидер, посочувајќи притоа дека иницијативата „Појас и пат“ е иднината на глобализацијата.
Во својата книга „Појас и пат: Кинескиот светски поредок“, авторот Бруно Масаеш ќе напише: „Наместо да се интегрира во постојниот светски поредок, веројатно е дека Кина воведува посебен економски блок, со посебни доминантни компании и технологии кои се управувани од правилата, институциите и трговските насоки диктирани од Пекинг“. Ова тврдење е поддржано со присуството на кинескиот претседател Си Џинпинг на Светскиот економски форум во јануари 2017 година, кога кинески претседател за првпат ја претставуваше Кина како бастион на глобализацијата, овој пат со кинески карактеристики. Ваквата економска визија се заснова на иницијативата „Појас и пат“, чија цел е повторно воведување на древниот пат на свилата по кој поминувале Марко Поло и другите трговци во средновековниот период. Овој Синоцентричен план претставува можност за Кина да ја зголеми својата мека и цврста моќ.
Бројот на новозаразени лица и смртни случаи кој е соопштен од Кина веројатно не ги прикажува вистинските бројки, но сепак успеа да создаде претстава за нормализирање на работите во еден краток временски период. Во период кога економиите во остатокот во светот се „замрзнати“, Кина дозволи економската активност брзо да продолжи. Ако ваквата „замрзната состојба“ на економијата продолжи и понатаму, кинеските компании ќе можат да го зголемат пазарниот удел па дури и да заменат некои од постојните компании. Уште полошо, големите економии би можеле да се соочат со шокови кои би довеле до значителен политички и општествен колапс, што би било совршена можност за Кина да влезе во игра и да ги „реобликува“ тие држави согласно својот авторитарен имиџ.
Новата нормала
Големите светски шокови можеби ни го откриваат јазот кој постои помеѓу видот на меѓународен систем кој би сакале да постои и видот на меѓународен систем кој реално го имаме, а исклучок од ова не е ниту актуелната здравствена криза. Една од поуките од пандемијата е дека зајакнувањето на меѓународната соработка и реформите ќе бидат од суштинско значење за спречување на можни епидемии во иднина.
И покрај целата своја несовршеност, меѓународниот систем кој ѝ претходеше на пандемијата сепак беше најмирен и најпродуктивен во историјата на човештвото. Тој успеа да го поврзе човештвото преку комуникација и трговија и извлече од сиромаштија милиони луѓе. Сепак, „белиот лебед“ на коронавирусот тукушто започна да ја менува ваквата состојба. Во Хонгконг се појавија графити кои велат: „Нема да можеме да се вратиме во нормала затоа што таа нормала претставуваше проблем“. Добредојдовте во новата нормала.