Постигнувањето меѓупартиски договор за одредување датум за одржување на одложените предвремени парламентарни избори, се чини дека нема да ја промени состојбата со (не)можноста за организирање гласање на дијаспората во овој изборен циклус. Ризичноста за патување на членовите на изборните комисии од Македонија, поради сѐ уште незавршената глобална пандемија на коронавирусот, се споменува како најверојатен аргумент што дијаспората нема да биде во можност да го оствари своето гласачко право во Македонија. И додека траат партиските договори за изборите, македонската дијаспора од Германија и ОМД упатија реакции до македонската држава поради нееднаквите услови за остварување на избирачкото право на македонските државјани надвор од Македонија.
– Централниот совет на Македонците во Германија потсетува дека секој македонски државјанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право, кое е уставно загарантирано и еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање, освен за лицата на кои им е одземена деловната способност! Централниот совет на Македонците во Германија укажува дека државата е должна секому да му создаде еднакви услови за остварување на избирачкото право, независно од местото на живеење во Република Македонија или надвор од неа! – се вели во писмо на Централниот совет на Македонците во Германија.
Покрај тоа, во писмото тие повторно бараат бришење на цензусот за валидност на изборите за македонските државјани надвор од Република Македонија во седмата изборна единица, како што не постои ниту за избирачите во Република Македонија, односно да се избришат ставовите (3), (4), (5) и (6) од членот 4 на Изборниот законик, како и да прекине практиката македонските државјани надвор од државата за секои претседателски и парламентарни избори повторно да се пријавуваат за упис во посебниот избирачки список за седмата изборна единица.
Во сличен тон е и реакцијата на Обединетата македонска дијаспора, од каде што, пак, директно прашуваат кому во Македонија му пречат ОМД и македонските граѓани низ светот.
– Зачудувачки е фактот што во интензивните преговори за изборен датум никој не ја споменува дијаспората. Се прашуваме дали и кому му пречат ОМД и македонските граѓани низ светот? Дали и зошто некој се противи да се регистрираат гласачите во избирачкиот список и да го остварат нивното уставно загарантирано право на глас? Дијаспората е еден од двигателите на македонската економија, најдобар промотор на Македонија во светот и заслужува да биде дел од избирачкиот процес – се вели во обраќањето на ОМД.
Домашните политички аналитичари имаат свој став во однос на дијаспората.
– Во секој случај би бил нарушен легитимитетот на изборите доколку не се создадат можности за гласање на дијаспората, зашто државата е должна да создаде услови еднакво за сите свои државјани за остварување на нивното избирачко право. Но состојбата со пандемијата на некој начин ѝ создаде алиби на државата и досегашните спорни моменти за гласањето на дијаспората да ги покрие со ризичноста за патување, како на членовите на изборните комисии така и на дијаспората. Зашто во законските одредби за гласање на дијаспората и така има многу небулозни превидувања.
Сликовито, ако некој македонски државјанин живее во Јапонија, за да го оствари своето избирачко право треба да патува во Австралија. А тука е и онаа одредба дека македонските државјани од дијаспората мора да се запишуваат повторно во избирачкиот список, пред секој нов изборен циклус. Згора на сѐ, сега веќе и нема време да се организира електрoнско гласање, па голема е веројатноста дијаспората да не учествува на претстојните парламентарни избори – вели Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес.