Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија е меѓу најлошо рангираните држави, во кои граѓаните живеат во мали домови со многу членови. Најголем простор, односно расположлива станбена површина по човек, има во Кипар

ИСТРАЖУВАЊЕ НА ЕВРОСТАТ ВО ЕКОТ НА ПАНДЕМИЈАТА НА КОВИД-19

Во екот на пандемијата на коронавирусот, која наметна и посебни правила на однесување меѓу кои и колку луѓе, на колкав простор и на колкаво меѓусебно растојание треба да има во затворен простор, се појави и најново истражување на Евростат, кое се однесува на стандардите за користење на станбениот простор.
Според последната анализа на европската агенција Евростат, околу 46,4 проценти од граѓаните во Македонија живеат во просторно оптоварени домаќинства, односно во домови со несразмерно голем број жители во единица површина. Практично Македонија е во самиот врв од табелата на држави во кои граѓаните живеат во мали домови со многу членови. Единствено пред нашата земја е Србија, која има повисоки 53,3 проценти на граѓани што живеат во овие околности. Зад нас на третата позиција е рангирана Романија со 46,3 проценти од нејзиното население чии семејства функционираат на овој начин.

На европско ниво, најлоши услови со најмалку квадратни метри станбен простор по човек има во земјите од Балканот и од Источна Европа, а поповолни услови за живеење имаат државите од Западна Европа.
Во меѓувреме од македонска перспектива на настаните, економскиот аналитичар Мартин Јовановски вели дека овие состојби не треба да нѐ зачудуваат, а сето тоа се должи на неколку чинители.
Јовановски, кој потекнува од бизнис-секторот, вели дека цените за купување станбен простор и комбинацијата на ниски месечни примања на нашето население се еден од главните предуслови за ваквите состојби.

Според него, кога на сето тоа ќе се додаде и балканскиот класичен начин на живот, кој подразбира бројчено големи семејства што живеат под еден покрив, тогаш рангирањето ќе ни стане јасно.
Јовановски се надева дека доколку се зајакне пазарната економија и доколку се создадат околности каде што чистиот капитал и неговата понуда на пазарот ќе ја детерминираат цената на станбениот простор, тогаш би можело Македонија барем малку да почне да личи на Словенија, која единствена од поранешна Југославија го живее европскиот сон со години.

[email protected]