Користејќи податоци од 121 варијабла, од забележаните смртни случаи до демографијата, британски „Економист“ создаде модел кој ги пополнува „празнините“ во статистиката, за кои бројките не даваат одговор. Моделот сугерира дека ковид-19 веќе однел меѓу 7,1 и 12,7 милиони животи, со што се проценува дека починале 10 милиони луѓе кои инаку би биле живи. Овој збир т.н. „прекумерни смртни случаи“ е трипати поголем од официјалната бројка, која претставува основа за повеќето статитстички податоци поврзани со пандемијата, вклучувајќи ги стапката на смртност и споредбите меѓу државите.
– Најважниот заклучок од нашата работа е дека ковид-19 посилно ги погоди посиромашните посилно отколку што можеше да се претпостави. Официјалните податоци покажуваат дека пандемијата задаваше удари во бранови и дека САД и Европа беа погодени силно. Додека Јужна Америка беше на удар, се чинеше дека остатокот од светот во развој ќе помине полесно. Но нашиот модел кажува поинаква приказна. Кога ќе ги преброите жртвите ќе видите дека заразата се шири безмилосно од богатите места, па се до посиромашните и поизолирани места, а на тој начин се зголемува и глобалната дневна стапка на смртност – наведува „Економист“.
Вакцинацијата се посочува како решение во борбата против вирусот.
– Вакцината претставува начин за запирање на пандемијата. Како пример на соработка и револуционерна наука, вакцините против ковид-19 се во рангот со вселенската програма „Аполо“. По само една година од откритието на вирусот, луѓето би можеле да бидат заштитени од тешката болест. А стотоци милиони имаат корист од вакцините – се вели во анализата на британскиот магазин.
Заразата уште не стивнува, но вакцините создадоа шанса за спас на милиони животи која светот не смее да ја пропушти, заклучува „Економист“.