Концертите како експерименти за враќање во нормала
Во Шпанија и во Холандија беа одржани првите концерти со публика годинава, со што музичките настани полека се враќаат во европските сали по речиси една година пауза, наспроти ширењето на новиот бран на ковид-19 и затворањето на Стариот Континент со цел да се спречи ширењето на вирусот. Овие концерти претставуваат и своевидни експерименти за справувањето со пандемијата, преку проучување на однесувањето на присутните и ефектите од тестирањето пред настани со публика.
Околу 5.000 луѓе завчера присуствуваа на концерт во Барселона, откако добија негативни резултати на тестирањата за ковид-19. Концертот беше одобрен од властите, а присутните не мораа да држат дистанца, но задолжително носеа маски. Концертот се одржа како дел од истражувачки проект во кој пред голем настан се врши брзо тестирање на гостите.
– Сите сме многу возбудени. Поминаа 18 месеци откако последен пат се качивме на сцена, затоа еден од членовите на нашиот бенд се расплака од среќа – изјави пред обожавателите еден од музичарите кои настапија во Барселона.
Сличен беше и случајот во Холандија, каде холандската влада и организаторите на концерти заеднички дојдоа до идејата за „Филд Лаб“, односно лабораторија на отворено, направена за проучување на однесувањето на присутните за време на настаните.
– Беше како да влегувам во сон каде сè е повторно дозволено – вели 26-годишната Вивијан Нагелкерке.
Присутните, кои беа поделени во помали групи, биле тестирани 48 часа пред низа настани, вклучувајќи фестивали за танцување и концерти, како и фудбалски натпревар.
– Беше толку неверојатно. Не можам да го опишам со зборови чувството. Луѓето повторно го вкусија реалниот живот – вели Нилс Фекен.
За време на концертите, маските брзо биле заборавени, но за време на театарот, деловната конференција и фудбалскиот натпревар, повеќе од 94 отсто од присутните носеле маски.
Со организираните концерти, Европа полека тргнува по стапките на Израел, каде што културните настани се враќаат благодарение на вакцинацијата на земјата. Иако Израел ги отвори културните настани за оние кои се вакцинирани, сепак реакциите се поделени, бидејќи поголемиот број лица што примиле вакцина се во постари години, а дел од младите одбиваат да се вакцинираат.
На театрите и концертните сали им е дозволено да продаваат до 300 билети во затворен простори и до 500 билети за настани на отворено, под услов да имаат „зелена карта“, односно доказ дека се вакцинирани. Маските се задолжителни и мора да се почитува физичкото растојание. Но, реакциите кај уметниците и музичарите се поделени.
За Бен Јакир, „зелените карти“ го делат општеството, пријателите, семејствата и членовите на музичките групи. Некои бендови му рекле дека тој не може да настапува заедно со нив додека не се вакцинира.
– Тие што не се вакцинирани ќе заостанат. Тоа не е убаво чувство – вели Јакир, кој доживеал депресија во текот на првите месеци од карантинот, бидејќи бројот на шест настапи неделно му бил сведен на нула.
Многумина музичари и изведувачи продолжуваат да се соочуваат со дилемата помеѓу новоста за настапите и моралните обвинувања од страна на своите обожаватели. Тие сакаат да настапуваат, но не сакаат да потклекнат на владините притисоци со кои владата ги користи музичките групи за да допре до помладите обожаватели и да ги убеди побрзо да ја примат вакцината против ковид-19. Според студија на Музичката федерација на Шпанија, европската музичка индустрија изгуби 76 отсто од своите приходи во 2020 година поради пандемијата. В.Т.