Одредени европски земји го минаа врвот на епидемијата и сега разгледуваат стратегии за олабавување на воведените ограничувања / Фото: Игор Бансколиев

Некои земји во светот најавуваат дека ќе издаваат посебни т.н. имунолошки пасоши за луѓето што се стекнале со имунитет по закрепнувањето од коронавирусот, а благодарение на овој важен документ, за нив ќе нема ограничувања на движењето

Нов антикорона-тренд во светот

Пандемијата на коронавирусот очигледно трајно и засекогаш ќе го смени начинот на кој функционираат државите, но и нивните граѓани. На ваква констатација наведуваат последните публикувани информации од светските медиуми, кои велат дека Чиле има намера да стане првата земја во светот што ќе издава пасош за луѓето што се стекнале со имунитет по закрепнувањето од коронавирусот, а благодарение на овој важен документ, за нив ќе нема ограничувања на движењето.
Во својот текст на оваа тема „Вашингтон пост“ пишува дека ваквиот специјален пасош ќе овозможи сите што закрепнале од вирусот или се тестирани за присуство на антитела да се вратат на работа и да ѝ помогнат на земјата економски да закрепне. Во изјава за весникот Паула Даза, портпаролка на чилеанското министерство за здравство, изјавила дека повеќе од 4.600 луѓе веќе имаат право на тој специјален пасош.

– Токму овие луѓе можат најмногу да ѝ помогнат на заедницата, затоа што тие не претставуваат ризик – соопштило Министерството за здравство, најавувајќи го документот.
„Вашингтон пост“ во својот осврт на случувањата додава дека и Јужна Кореја размислува за сличен чекор и дека за овој нов тип на документ се пријавиле стотици граѓани, но додава дека стравот од можноста за повторно заболување од ковид-19 ги премислува властите во Сеул да постапат слично како Чиле.
Весникот пишува дека, и покрај овој факт, Чилеанците можат да поднесат апликација за пасош и да бидат тестирани за антитела, а доколку не покажат симптоми на болеста, властите ќе им го доделат овој посебен документ.

Во контекст на актуелните случувања, за обележување се и информациите што велат дека одредени европски земји го минаа врвот на епидемијата на новиот коронавирус, па сега разгледуваат стратегии за олабавување на воведените ограничувања.
Италијанскиот специјален комесар за итни случаи со ковид-19, Доменико Аркури, неодамна изјави дека излегувањето од карантин ќе вклучува зголемено тестирање на коронавирусот, доброволна употреба на апликација за следење контакти и задолжителна анализа на крвта.

Колку развиени антитела, толку слобода

Весникот „Ла Република“ на темава пишува дека италијански, но и германски истражувачи се склони кон идејата за воведување „имунитетски пасош“, кој ќе се темели на нивото на развиени антитела на коронавирусот. Главниот германски епидемиолог Герард Краузе за „Шпигел“ изјави дека проверката на антитела во крвта би се вршела со задолжителна анализа на крвта, а дури потоа би вило можно таа да се евидентира во специјална документација.
И американскиот главен експерт за епидемиологија Ентони Фаучи за медиумите изјавил дека неговата земја размислува за воведување на т.н. „имунитетски сертификат“.
– Тоа е една од оние работи за кои зборуваме кога сакаме да бидеме сигурни кои луѓе се ранливи, а кои не. Мислам дека тоа би можело да има некаков ефект во општеството – оценил Фаучи.

Хрватскиот интернет-портал Индекс на темава информира дека одредени експерти тврдат дека вакви документи што потврдуваат дека некој создал имунитет на коронавирусот, би можеле да помогнат за повторно заживување на економиите, со тоа што ним би им се дозволило да се вратат на работа, да јадат во ресторани и да учествуваат во активности што сега во поголем дел држави се забранети.
Сепак, порталот во својот осврт на случувањата додава дека има и такви размислувања дека идејата не е воопшто лесно спроведлива.
Порталот ја пренесува изјавата на директорот на институтот „Џонс Хопкинс“, д-р Џефри Кан, кој вели дека оваа замисла е тешко спроведлива.

– Категоризацијата за тоа дали некој создал имунитет на вирусот или не ќе вклучува и податоци за бројот на години и местото на живеење – изјавил тој.
Кан посочил дека помладите луѓе се поотпорни на вирусот и тие ќе бидат најголеми фаворите за добивање таков документ, но ако не е имуно целото домаќинство, тогаш лицето од домаќинството што создало имунитет би можело да го донесе вирусот и да го зарази семејството.
– Тоа би создало екстремни компликации во овој правец. Тоа е така бидејќи се уште немаме јасен одговор на прашањето како би функционирал таквиот систем, поради непредвидливите фактори – вели Кан.

Имунитет како орден на честа

Професорот на Универзитетот во Пенсилванија Харолд Шмит во своја изјава на темава ги споредил најавите на овие документи со крстовите што се исцртувале на куќите со кои се означувани домовите на заразените со црната чума во 14 век.
– Сертификатот за имунитет би бил „орден на честа“, а оние без него би биле маргинализирани – изјавил Шмит и додал дека тој е загрижен и за политичките последици за недокументираните мигранти, кои реално постојат во сите развиени држави во светот.
Во меѓувреме, од македонски агол на случувањата, политичките аналитичари велат дека не треба да нѐ изненади ако и нашата земја издава документ од сличен профил, доколку за тоа се појави неопходна потреба во нашето општество.

Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека оваа новина е од многу практична природа и таа во најголем дел би можела да им помогне на државите во активирањето на економијата и на државната администрација.
Според аналитичарот, доколку овие документи станат практика, тие што ќе ги поседуваат ќе може и лично да профитираат, бидејќи ќе станат баран кадар за работа во сите претпријатија, фабрики и компании.

[email protected]