Посиромашните земји ќе заостанат од шест до осум месеци во однос на богатите земји во набавката на вакцини против коронавирус и во заштитата на нивните жители, изјави филантропот и основач на „Мајкрософт“, Бил Гејтс.
Гејтс во интервју за „Ројтерс“ рече дека поделбта на првите вакцини против ковид-19 е „супер тежок проблем“ што врши притисок врз глобалните институции, владите и производителите на лекови.
– Секој политичар е под притисок да се бори да ја доведе својата земја до почетокот на редот – рече тој.
Планот, како што предвидуваше, е „Ковакс“ да дистрибуира 2,3 милијарди дози вакцини до крајот на годината, вклучувајќи 1,8 милијарди дози бесплатно за сиромашните земји со надеж дека првите испораки ќе бидат реализирани во февруари. Гејтс на почетокот на пандемијата процени дека поделбата на вакцините преку „Ковакс“ ќе биде „скромна“.
Коментирајќи ги извештаите во медиумите за „паниката“ поради недостиг од вакцини, Гејтс оцени дека ваквиот притисок не помага и потсети дека фармацевтските компании како „Фајзер“, „Бионтек“, „Астра зенека“ и „Модерна“ развиле вакцини против коронавирусот за помалку од една година.
Тој процени дека богатите земји ќе се вратат во „нормала“ до крајот на годината, под услов да се вакцинираат помеѓу 70 и 80 проценти од нивната популација.
Гејтс исто така изјави дека има добра работа од целата пандемија, а тоа е развој на таканаречената мРНА технологија за производство на вакцини.
Во текот на следните пет до десет години, мРНА вакцините ќе се развиваат побрзо и поевтино, полесно се чуваат, а тоа ќе отвори цела низа можности за развој на вакцини против ХИВ и маларија.
– Тоа дава нова надеж дека побрзо ќе ги добиеме вакцините што ни недостасуваат – рече тој.