Во одредени богати земји новиот лек против ковид-19, „молнупиравир“, би бил достапен до крајот на годинава. Но, во посиромашните земји, каде што нема пристап ни до вакцини, лекот би стигнал дури во средината на следната година, истакнуваат здравствените агенции. Токму затоа, Фондацијата на Бил Гејтс вети 120 милиони долари за производство и дистрибуција на лекот до сиромашните земји, пренесува „Њујорк тајмс“.
Фондацијата ја вети инвестицијата за да ги поттикне осумте производители на лекот кои потпишаа договори за лиценца со компанијата „Мерк“. Ова е еден вид предвремена инвестиција, бидејќи лекот уште не е одобрен за итна употреба од Американската администрација за храна и лекови (ФДА).
Прелиминарните резултати од третата фаза на клинички испитувања на повеќе од 700 невакцинирани пациенти покажаа дека пилулата може да го намали ризикот од хоспитализација или смрт за приближно 50 отсто. Но, и покрај ветувачките резултати, експертите велат дека постојат критични предизвици, како што се набавката на суровини, регулаторното одобрување и финансиските инвестиции. Затоа, овде на помош стапила фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс.
– Ние можеме да ги искористиме ресурсите што мултилатералните агенции не би можеле да ги вложат во оваа фаза, бидејќи тие се ограничени со чекањето на регулаторно одобрување. Ние ги поттикнуваме производителите да започнат со производство веднаш, така што до одобрувањето на лекот би имале веќе подготвени резерви кои веднаш ќе ги дистрибуираме – изјави Марк Сузман, главен извршен директор на фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“.
Фондацијата ги финансираше и истражувањата за процесот на производство на лекот да биде поевтин и побрз. Исто така имаше клучна улога и во склучување на договорот вреден 300 милиони долари во Индија, што го забрза производство на вакцините на „Астра зенека“ и „Новавакс“.
– Светот научи на потешкиот начин со вакцините, дека освен ако не сме подготвени навреме да инвестираме и ризикуваме штом се појават ветувачки технологии, тогаш ќе имаме ограничен пристап до истите, дури и кога потребата и побарувачката за нив ќе бидат преголеми – изјави Ерве Верхосел, портпарол на глобалната здравствена иницијатива „Јунајтед“.