Германија од сабота воведува задолжително тестирање за ковид-19 за сите патници кои се враќаат од подрачја со висок ризик, со што ги спасува од задолжителниот карантин, рече министерот за здравство.
– Од сабота, секој што се враќа од ризичните подрачја мора да се подложи на тестирање. Односно, секој што се враќа од такво подрачје, мора да има потврда за негативен резултат на тестот, не постар од 48 часа, или да биде тестиран овде – изјави Јенс Спан на прес-конференција во Берлин.
Досега сите што се враќаа од подрачјата со висок ризик, меѓу кои се главно земјите надвор од Европската Унија, но и трите шпански покраини (автономните заедници Арагон, Каталонија и Навара), а од среда и белгиската провинција Антверпен, мораа да бидат во 14-дневен карантин во Германија доколку немаа потврда за негативен резултат на тестот кој е бесплатен.
Со задолжителното тестирање Германија се определи за „безбедност“.
Трошоците за тестирање ќе ги сноси владата, што е прашање на солидарност, истакна министерот.