Германија, според тамошните експерти, моментно се наоѓа во вториот бран на епидемијата, пренесува Си-ен-ен.
– Ние сме во вториот бран на ширење на инфекцијата – рече Сузана Џона, претседателка на синдикатот на лекарите „Марбургер бунд“.
Бројот на заразени лица во Германија се зголеми во последните неколку дена поради што политичарите и експертите ги повикуваат граѓаните да се придржуваат повеќе кон мерките за физичка оддалеченост.
– Постои опасност да го прокоцкаме успехот што го постигнавме досега во Германија – рече Џона додавајќи дека причината за тоа е желбата на граѓаните да се вратат во нормалниот живот пред епидемијата.
Синдикатот „Марбургер бунд“ смета дека германскиот систем за здравствена заштита е добро подготвен за зголемувањето на бројот на заразените, но ги предупреди граѓаните дека нема причина за опуштање.
– Посакуваме нормалност. Но, продолжуваме да живееме во ситуација што, едноставно, не е нормална – рече Џона.