Околу 2.400 дози на фалсификувани вакцини се запленети во Јужна Африка, а во Кина е разбиена мрежа на шверцери на вакцини, соопшти Интерпол, предупредувајќи дека ова е само врвот на ледениот брег.

– Јужноафриканските власти запленија стотици дози на фалсификувани вакцини против ковид-19 по дојавата на Интерпол, со предупредување дека вакцините се омилена цел на криминалните мрежи – додава меѓународната организација за полициска соработка со седиште во Лион.
Тројца кинески државјани и еден Замбиец се уапсени во акцијата, спроведена во Гермистон, во провинцијата Гаутенг, каде што е откриена и голема количина фалсификувани маски.

Интерпол исто така интервенирал и во Кина, каде полицијата открила мрежа за продажба на лажни вакцини против ковид-19 и упаднала во производствен погон, приведувајќи 80 осомничени и запленувајќи над 3.000 дози лажни вакцини.

– Иако сме задоволни од овој исход, ова е само врвот на ледениот брег што се однесува до криминалот поврзан со вакцини против ковид-19 – рече генералниот секретар на Интерпол, Јирген Сток.

Интерпол повторно предупредува дека неовластените вакцини кои се продаваат онлајн или се рекламираат по интернет-страници за продажба не се легитимни или тестирани и можат да бидат погубни.