Американската администрација за храна и лекови (ФДА) издаде одбрение за употреба на брзиот тест за ковид-19 од Abbott Laboratories.

Тестот е наречен BinaxNOW COVID-19 Ag и дава резултати во рок од 15 минути, а компанијата планира да го продава по цена од 5 долари. Комплетот за тестирање е исклучително практичен и е со изглед и големина на кредитна картичка, се вели во соопштението од производителот.
Според клиничката студија спроведена од компанијата во соработка со неколку водечки американски истражувачки универзитети, тестот BinaxNOW покажал чувствителност од 97,1% (можност за прецизно идентификување на оние кои имаат вирус) и специфичност од 98,5% (можност за прецизно идентификување на оние кои немаат вирус) кај пациенти за кои постои сомневање дека биле заразени со ковид-19, во првите седум дена по појавата на симптомите.

Брисот за тестот се зема од носот на пациентот во текот на првите седум дена по појавата на симптомите. Примероците не се испраќаат во одделни референтни лаборатории, туку веднаш се анализираат на самото место со помош на комплетот за тестирање.