Со омикрон е заразено лице во државата Калифорнија, пишува „Асошијетед прес“.
Кон крајот на ноември, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден воведе ограничувања за патниците кои доаѓаат од Јужна Африка, каде што првпат беше идентификуван омикрон.
Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) презема чекори за дополнително заострување на правилата за тестирање на патниците што доаѓаат од странство. Ова вклучува тестирање на сите патници најмногу 24 часа пред да се качат на лет за Соединетите Американски Држави, без оглед на тоа дали биле вакцинирани или не. ЦДЦ, исто така, размислува за задолжително тестирање по пристигнувањето во Соединетите држави.
Официјалните лица признале дека со таквите мерки сакаат само да купат време додека научниците не утврдат дали омикрон е позаразен од варијантата делта, која моментално е најдоминантна во светот. Научниците се заинтересирани и за тоа какви симптоми предизвикува омикрон.