Во време кога бројот на жртвите од коронавирусот во светот надмина половина милион, Кинезите решително се борат против втор бран на епидемијата. Додека короната повторно се распламтува во земји низ целиот свет, додека властите ги олеснуваат мерките, Кина одлучи да прогласи карантин во покраината Анксин во провинцијата Хебеј во близина на Пекинг, поради само 18 случаи на новозаразени, јавува Си-ен-ен.
Властите во неделата одлучија сите села, општини и згради да бидат целосно затворени, ставајќи во изолација повеќе од 400.000 луѓе. На семејствата им е дозволено да испраќаат по еден член на пазарење и тоа само еднаш дневно. Забранета е употреба на моторни возила и какво било движење.
Анксин се наоѓа на околу 150 километри од Пекинг, а помалку од 20 новозаразени лица беа сигнал до властите да воведат драстични мерки. Се верува дека новиот кластер започнал на пазар југозападно од главниот град. Наводно оттаму инфекцијата се раширила во провинциите Љаонинг и Хебеј, што ги вознемири властите. Се верува дека вирусот лесно може повторно да еруптира и да се прошири во другите кинески провинции.
Поради тоа, донесена е одлука итно да се блокираат дури 11 општини кои го опкружуваат пазарот, а на сите граѓани им е забрането да ги напуштат општините.
Температурата на локалното население се мери на дневна основа, а снабдувањето со неопходни производи функционира нормално.
Во Пекинг започна масовно тестирање. За помалку од 48 часа биле тестирани над 76.000 луѓе.