Кина денес пријави најголем број на новозаразени случаи на ковид-19 од јануари, во време кога некои градови ги засилија ограничувањата, ги откажаа летовите и го зголемија тестирањето за да се справат со пандемијата во која доминира делта-сојот на коронавирус.
Кина пријави 71 нови случаи на ковид-19, покажаа официјалните податоци, што е најголем дневен број од јануари.
Заклучно со 30 јули, регистрирано е петдневно последователно зголемување на бројот на новозаразени од коронавирус.
Градовите Нанџинг и Јангжу во источната провинција Џиангсу, каде што повеќето случаи се пријавени од 20 јули, ги забранија домашните летови, автобусите и такси возилата.
Градовите како Џенџу и Џинџу „заклучија“ некои од нивните населби и го ограничија јавниот превоз во области што се сметаат за високоризични.
Властите во Вухан изјавија дека имаат за цел да ги тестираат сите 12 милиони жители на градот за само три дена за да откријат нови инфекции.
Од крајот на јули, високо преносливиот делта-сој е откриен во најмалку десетина кинески градови, вклучувајќи го и главниот град Пекинг.