Европскиот парламент побара итен фонд за помош на медиумите
Традиционалните медиуми како што се весниците отсекогаш имале додадена вредност како медиум. Преку нив граѓаните добиваат проверени и веродостојни информации на кои можат да се навраќаат повеќепати, да ги анализираат, па дури и да ги архивираат. За веродостојноста на отпечатените и објавени текстови, стории, анализи и новинарски истражувања одговараат во полн капацитет редакцијата, уредникот, авторот новинар. Но улогата на весниците е повеќенаменска. Тие не само што информираат туку и едуцираат, медиумски описменуваат, поттикнуваат ментална гимнастика, но и релаксираат… Затоа многу поразвиени земји од нашата активно и силно ги поддржуваат традиционалните медиуми, а особено весниците, со програми од финансиска природа, за одржување и поттикнување на нивната мисија, бидејќи се во целосна функција на граѓаните и јавниот интерес.
Европскиот парламент побара итен фонд за помош на медиумите по кризата со ковид-19
Заклучувајќи дека финансиската помош е неопходна за печатените медиуми, во време кога се силни економските последици по мисијата на медиумите, предизвикани од пандемијата на коронавирусот, Европскиот парламент побара итен фонд за помош на медиумите во контекст на кризата со ковид-19.
Европските новински агенции информираат дека претставниците на Европскиот парламент силно порачуваат дека за време на пандемијата, медиумите и новинарскиот сектор се клучни за навремена и точна информација за јавноста, но исто така се соочуваат со големи загуби, првенствено поради падот на продажбата поради заштитните мерки на државите и рестрикциите на движењето на луѓето, но и на повлекување на клиентите за користење на рекламниот простор за дури 80 проценти.
Во весниците има проверени информации и нема лажни вести
Тие се нашата одбрана од лажните вести и дезинформации. Во исто време, тие се сериозно погодени од падот на приходите од реклами и од фактот дека нивната иднина е неизвесна, предупредуваат европратениците.
Во тој правец, информира новинската агенција „Ројтерс“, членовите на Одборот за култура и образование неделава побараа од Европската комисија да обезбеди средства од фондовите наменети за обнова на економијата по пандемијата, за медиумите, како и за културните институции, уметниците и добротворните организации.
Во свој прилог на слична тема телевизијата Евроњуз предупредува дека малите и средните медиуми во земјите во источниот блок на ЕУ, но и во оние што се во процес на зачленување на Унијата се под најголем економски удар на кризата предизвикана од вирусот.
Според споменатиот медиум, неопходно е да се преземат мерки и од ЕУ, но и од државите за олеснување даноците, но и генерално за овозможување на медиумите да ја извршат својата благородна мисија во функција на граѓаните и јавниот интерес. Евроњуз додава дека за оваа намена Европскиот фонд за одржлив развој може многу да помогне.
Како весниците ја извршуваат својата мисија во земјава под корона-опсадата
Од македонска перспектива на настаните, познавачите на случувањата оценуваат дека секоја шанса треба да биде искористена за да им се помогне на печатените медиуми.
Претседателот на Асоцијацијата на печатени медиуми Лирим Дулови, смета дека секоја можност што ќе биде понудена од страна на Европската Унија треба да се прифати и по неа да се дејствува, за да се обезбеди помош да се одржат во живот и во бизнис печатените професионални медиуми во земјава.
Според Дулови, вакви слични мерки треба да овозможи и нашата влада, но и да ги засили дејствувањата на постојните мерки, кои ги предвиде за надминување на економската состојба додека трае кризата со пандемијата на коронавирусот.
– Ние како Асоцијација на печатени медиуми мораме да се бориме за опстојување на нашата фела во делот на печатот, бидејќи и со актуелните мерки што ги презеде Владата тешко можеме да ја надминеме состојбата. Ние се обративме да побараме и дополнителна помош особено во делот на минималната плата, бидејќи за печатените медиуми има дополнителни ограничувања во овој процес додека се конкурира за оваа мерка. Дополнително, се обративме до Владата и за да ја забрза и порано да ја реализира активната програма за помош на печатените медиуми поради објективните причини поврзани со кризата. Но барем засега сѐ уште немаме позитивен повратен одговор – вели Дулови.
Според претседателот на асоцијацијата, печатените медиуми сега треба да се борат да осигурат опстојување затоа што е возможно да отидат курбан во овие состојби.
Дулови објаснува дека печатените медиуми досега во овој правец се имаат обратено и до голем број новинарски меѓународни организации и до самата ЕУ, но оттаму е добиена повратна информација според која македонските медиуми треба за оваа намена да аплицираат за помош во фондовите на Унијата.
– Конкретно за оваа намена постои таканаречен Европски новинарски фонд, кој е тежок околу 3 милиони евра, но лошата димензија на сево ова е дека е наменет за сите медиуми во Унијата, па оттука може да се претпостави колку се мали шансите некој македонски печатен медиум да се избори за помош или грант за оваа намена – издвои Дулови.
Весниците како традиционални медиуми се најсигурни, веродостојни и ја извршуваат својата функција почитувајќи ги професионалните новинарски стандарди.