Според здравствените експерти во САД
Здравствени власти во американската сојузна држава Вашингтон ги истражуваат случаите во кои вакцинирани лица заболеле од коронавирусот, во период подолг од две недели по имунизацијата. Од милион вакцинирани во оваа сојузна држава, 102 лица се заразиле со коронавирусот од февруари досега. Тие главно имаат благи симптоми или воопшто не покажуваат симптоми, а само осуммина од нив биле хоспитализирани, пренесува „Њузвик“.
Научниците тврдат дека ваквите појави се можни и треба да се очекуваат при масовна вакцинација. Иако во клиничките испитувања се покажа дека вакцините го спречуваат пренесувањето на ковид-19, тие не се секогаш 100 отсто ефикасни.
Мет Меквин, директор за епидемиологија на Универзитетот на Колорадо Болдер, рече дека е можно луѓето да се заразат со вирусот по примање на вакцината, иако е малку веројатно.
– Во ретки случаи постои шанса некој да се зарази откако е вакциниран, но сепак симптомите се поблаги – изјави Меквин.
Но здравствените експерти укажуваат дека вакцините ги ублажуваат симптомите и нивна цел е и намалување на бројот на случаи на кои им е потребна хоспитализација.
– Важно е да се запамети дека секоја вакцина спречува тешки болести и смрт во повеќето случаи, а луѓето треба да се вакцинираат штом добијат шанса да го сторат тоа – рече во соопштение Умаир Шах, секретар за здравство на Вашингтон.
Слично мислење има и д-р Сунил Јоши од Флорида.
– Запаметете дека целта од овој процес, од самиот почеток, беше да се задржат луѓето надвор од болниците – нагласува Јоши.
Според најновите податоци на американскиот Центар за контрола и превенција на болести, низ САД се дадени повеќе од 150 милиони дози.