Министерството за здравство на Норвешка соопшти дека оние што примиле една доза од вакцината против коронавирусот на „Астразенека“ ќе може да се вакцинираат со втора доза од друг производител.
Норвешка ја прекина вакцинацијата со „Астразенека“ на 11 март откога мал број млади беа хоспитализирани поради комбинација на згрутчување на крвта, крвавење и низок број тромбоцити, од кои некои починаа.
Сега се чека извештај од комисијата назначена од владата, кој треба да биде готов на 10 мај, за тоа дали вакцинацијата ќе продолжи.
Но, одлуката ќе дојде премногу доцна за оние што ја примиле првата доза од вакцината на „Астразенека“ и треба да добијат втора доза пред одлуката на комисијата.
Затоа, на оние што примиле една доза од вакцината на „Астразенека“ ќе им биде понудена втора доза од „Фајзер“ или „Модерна“.
Речиси 135.000 луѓе, претежно здравствени работници, ја примија вакцината на „Астразенека“ во Норвешка пред да се запре вакцинацијата.
Норвешка е последна во низата земји што одлучија да комбинираат вакцини, заедно со Данска, Финска, Франција и Германија.