Еден швајцарски имунолог, наводно, развил кандидат за вакцина против коронавирусот, која, по успешно тестирање, веќе може да биде во употреба оваа година.
Мартин Бахман од Универзитетската клиника во Берн има намера да ги заврши потребните студии и процесот на одобрување што е можно побрзо за да може масовната вакцинација да започне во Швајцарија уште во октомври.
Надзорната комисија за здравство „Свисмедик“ ги потврди разговорите со Бахман и другите истражувачи кои работат на вакцината против коронавирусот.
– Временскиот план е многу оптимистичен, но не е невозможен – рече портпаролот на „Свисмедик“, Лукас Јаги, објавија медиумите на германското говорно подрачје.
Тој рече дека поради итноста на пандемијата, процесот на одобрување ќе трае не со месеци, туку со недели, пренесува виенскиот весник „Естерих“.
Доколку се исполнети сите услови за одобрување, решението ќе биде можно пред крајот на годината, најави тој.
Прво помало тестирање на луѓе, според Бахман, ќе започне во јули.
– Ние се придржуваме кон сите прописи, само што ќе го забрзаме процесот – рече тој.