Производителот на цигари „Бритиш Американ Тобако“ соопшти дека работи на растителна вакцина против коронавирус и оти тутунот има потенцијал за побрз и побезбеден развој на лекови, пишува „Гардијан“.
Компанијата наведува дека има потенцијална вакцина во фаза на развој, откако ги насочи огромните ресурсите за борба против глобалната пандемија.
– Ако тестирањето оди добро, БАТ се надева дека, со вистинските партнери и поддршка од владини агенции, можат да се произведат од еден до три милиони дози на вакцината неделно, почнувајќи од јуни – велат од компанијата.
Компанијата со седиште во Лондон го искористи објавувањето на оваа најава за да ги истакне позитивните аспекти на нејзината тутунска империја, информирајќи дека „новата, брзорастечка технологија за тутун“ ја става пред другите кои се обидуваат да направат вакцина.
– Тутунот нуди потенцијал за побрз и побезбеден развој на вакцините во споредба со вообичаените методи – велат од компанијата.
БАТ соопшти дека нејзината подружница во САД за биотехника, „Кентаки Био Процесинг“, преминала на предклиничко тестирање и дека ќе работи на вакцината на непрофитна основа.
Во 2014 година, тутунската фирма БАТ ја купи КБП, која претходно работеше на лечење на ебола. БАТ објаснува дека нејзината работа е „потенцијално побезбедна (од конвенционалната технологија за вакцинирање), со оглед на тоа што тутунските растенија не можат да бидат домаќини на патогени кои предизвикуваат човечки заболувања”.
БАТ соопшти дека соработува со Агенцијата за храна и лекови во САД и Министерството за здравство и социјална заштита во Велика Британија „нудејќи поддршка и пристап до истражувањето со цел да се обидеме да го забрзаме развојот на вакцината за ковид-19“.
– Развојот на вакцините е предизвикувачка и сложена работа, но веруваме дека направивме значаен напредок со нашата технолошка платформа за производство на тутун и ние сме подготвени да работиме со владите и сите заинтересирани страни кои ќе помогнат за победа во војната против ковид-19 – вели доктор Дејвид О’Рајли, директор на научни истражувања во БАТ.
Компанијата соопшти дека клонирала дел од генетската секвенца на коронавирусот и развила потенцијален антиген. Антигенот потоа се вметнува во тутунските растенија за репродукција, и откако ќе се соберат растенијата, антигенот веќе е прочистен. Сега е пред клиничко тестирање.