Болниците во Тајланд се под притисок поради големиот број луѓе кои страдаат од коронавирус, а поради недостигот на кревети лекарите се принудени да лекуваат пациенти на паркинзите пред болниците. Поради влошувањето на епидемијата, лекарите мора да враќаат сериозно болни случаи на инфекција со ковид-19, пишува „Гардијан“.
Тајланд доби пофалби за успешната реакција на епидемијата минатата година, кога одржуваше најмал број на случаи во светот, но гневот кај јавноста расте поради бавната кампања за вакцинација.
За околу четири месеци од почетокот на новиот бран на ковид-19, смртните случаи во земјата се зголемија од 100 на 4.146.
Само денеска пријавени се 14.150 нови инфекции и 118 смртни случаи од ковид-19.
Владата е критикувана што не воведе полициски час пред неколку месеци кога бројот на случаи беше помал. На 12 јули беа воведени разни ограничувања во областите со висок ризик, како што е главниот град Бангкок.
Во понеделникот стотици академици и медиумски работници издадоа заедничко соопштение во кое повикуваат на поголема транспарентност во врска со договорите за вакцини, вклучувајќи детали за тоа кој и кога примил вакцина.
Изјавата дојде откако во јавноста протече писмо од „Астра зенека“, во кое се вели дека ќе се доставуваат 6 милиони дози вакцини на Тајланд, што не е во согласност со изјавата на владата дека треба да добие 10 милиони дози.
Околу 5 проценти од тајландското население е целосно вакцинирано, додека 17 проценти примиле една доза.