Малкумина слушаа кога Бил Гејтс пред пет години предупредуваше за патогената епидемија. Сега тој силно се залага за научни решенија за да се врати животот во нормала
Автор: Џеј Грин
Вашингтон пост
Како што пандемијата од коронавирусот во март се прошири во САД, Бил Гејтс опширно му зборуваше на својот пријател Џеф Рајкс за научните факти од тестирањето за болеста, за време на вечерата во неговиот дом во Медина, Вашингтон. Двајцата јадеа суши на препорачаната физичка дистанца додека Гејтс детално зборуваше за предизвиците од стандардните брисеви што се користат за тестирање на новиот коронавирус. Наместо тоа, Гејтс понуди самотестирачки, поедноставни и пократки инструменти за брис, што би биле поефикасни и нема да ги ставаат во ризик од зараза самите здравствени работници, како што објасни Рајкс кој е поранешен висок претставник на „Мајкрософт“, а сега раководи со фондацијата на Гејтс.
– Сега тој е во свој елемент – изјави Рајкс, кој со години работеше заедно со Гејтс.
Со ширењето на вирусот кој одзеде над 239.000 животи во светот, Гејтс ја искористи неговата слава и богатство за да бара научни пристапи со кои треба да се стави крај на епидемијата. Откако ги изучуваше заразните болести во изминатите 20 години како дел од неговата филантропска работа, Гејтс предупредуваше за можно патогено ширење на пандемија уште од 2015 година за време на еден говор за „ТЕД“ (светски збир на конференции чиј куратор е американската приватна и непрофитна фондација „Саплинг“, формирани со цел да ги шират „идеите вредни за споделување“ – н.з.). Од февруари, фондацијата со која тој раководи заедно со сопругата донираше 250 милиони долари за проширување на тестирањето за коронавирусот и пронаоѓање на лек за ковид-19, болеста што вирусот ја предизвикува.
Но коронавирусот е поинаков од секаков друг светски здравствен предизвик со кој Гејтс се соочил. Тој долги години се справува со здравствени закани кои го мачат светот во развој, како маларија, детска парализа и ХИВ. За овие болести постојат вакцини или терапии, но државите во кои тие се најголема закана немаат соодветен здравствен систем за да ги направи достапни за луѓето, нешто што фондацијата на Гејтс сака да го оствари. Кога станува збор за коронавирусот, сепак, не постои вакцина или конкретен лек.
– Бил е човек кој верува во науката и технологијата, како и нивното позитивно влијание во светот. Барем потсвесно, како и повеќето од нас, него го мачи нападот врз науката – вели Рајкс кој призна дека не разговарал посебно на темата со Гејтс.
Познато е дека Гејтс се отпишал од универзитетот „Харвард“ за да го основа „Мајкрософт“ со неговиот средношколски пријател Пол Ален. Поради тоа што е голем љубител на книгите и во изминатите дваесет години особено се посвети на добротворен придонес во светското здравје, тој има многу научил за заразните болести.
– Ако веќе трошам милијарди долари на нешто, тогаш морам да сум добро запознаен и начитан – порача Гејтс.
Откако коронавирусот се појави во Кина кон крајот на минатата година, Гејтс се преокупираше со медицински извештаи за тестирањето, лекувањето и вакцините за вирусот. Нашироко разговараше со имунолозите, епидемиолозите и социолозите за забавување на ширењето на вирусот.
Со нето вредност од 105 милијарди долари, Гејтс е вториот најбогат човек во светот, според индексот за милионери на „Блумберг“, веднаш зад неговиот сосед од Сиетл, Џеф Безос, кој е извршен директор на „Амазон“ и сопственик на „Вашингтон пост“. Гејтс вложи голем дел од своето богатство во фондацијата која стана еден од најголемите филантропски организации со собрани 46,8 милијарди долари заклучно со 2018 година.
Во текот на изминатите две децении, тој постепено се повлекуваше од обврските во „Мајкрософт“ за да се фокусира на филантропската работа. Во март се откажа од последната од официјалните титули во фирмата, се повлече од одборот на компанијата, иако изјави дека ќе продолжи да дава технолошки совети на нејзиното раководство.
Еден од столбовите во филантропската работа е справувањето со заразните болести, како што се маларијата и детската парализа, кои и натаму се присутни во светот во развој. Неговата фондација помогна да се отвори пазар на лекови за тие болести кои честопати беа игнорирани од фармацевтската индустрија која има финансиска иницијатива да развива лекови за болестите кои се чести во попрофитабилните пазари во развиениот свет.
Неговото познавање на заразните болести го доведе до заклучокот од 2015 година дека патогена пандемија може да го зафати целиот свет, да ги уништи економиите и да не познава жртви.
– Ако нешто може да убие над 10 милиони луѓе во наредните неколку децении, тоа најверојатно ќе биде многу заразен вирус, а не војна – порача Гејтс во неговиот говор за „ТЕД“, во кој како да предвиде тоа што денес се случува.
Тој изрази загриженост дека владите не вложуваат доволно во системи за спречување на пандемија на ист начин како што ја финансираат нуклеарната одбрана. Тој го поттикна развојот на силни здравствени системи во сиромашните земји каде што очекуваше епидемијата прво да се појави. Се залагаше за засилени истражувања во развојот на вакцини и апаратура за дијагностичко тестирање. Тој апелираше за „бактериски вежби“, слично на воени вежби, за да се симулира пандемија во која ќе се откријат недостатоците.
– Мораме да се подготвите, затоа што времето не е на наша страна – порача Гејтс во говорот.
Се работи за проблем кој постојано е актуелен кај владините лидери во светот, но генерално се игнорира. Недостигот на одговор е нешто за што Гејтс отворено „жали“.
– Честопати се прашувам дали требаше да бидам поубедлив? – вели тој.
Фондацијата вложи напори за подготовки за епидемија дури пред говорот на Гејтс за „ТЕД“. Лидерите, меѓу кои беше и тој, беа загрижени за последиците од епидемијата на ебола во 2014 година врз светското здравство и потрошија стотици милиони долари во изградба на научна инфраструктура што сега помага за забавување на ширењето на болеста. Во 2017 година, таа му донираше 279 милиони долари на Институтот за здравствена статистика и евалуација (ИХМЕ) на универзитетот во Вашингтон, кој и претходно добиваше финансиска поддршка. Оттогаш институтот разви широк модел за предвидување за да ја процени потребата за болнички кревети, респираторни машини и друга медицинска опрема во секоја држава во светот.
Истата година, фондацијата одвои речиси 100 милиони долари за започнувањето на Коалицијата за иновации за епидемиска подготвеност која финансираше експериментално истражување за вакцина против коронавирусот. Додека се шири вирусот, Гејтс оствари повеќе гостувања на телевизија каде што ги претставуваше своите научни пристапи. Му беше гостин и на Стивен Колбер во неговата емисија во која жалеше за пропуштените шанси за подобра подготвеност за епидемијата. Неколку дена претходно заедно со сопругата Мелинда испратија снимена порака што беше емитувана во текот на добротворниот настан „Еден свет: заедно дома“, со надеж дека вакцината за вирусот би можела да биде готова до крајот следната година. Ова следеше по неговиот видеоповик со Елен Деџенерис од нејзината емисија во која тој зборуваше за критериумот за враќање на нормалниот живот.
Фондацијата на Гејтс одамна се соочува со критиките поради големото влијание во областите на светското здравје и јавното образование. Огромните суми кои фондацијата ги вложува во предизвиците по јавното здравје се закана да го изменат начинот на кој владите се справуваат со тие закани, поттикнувајќи ги да ги усвојат нејзините приоритети за да ги добијат грантовите, се вели според истражувањето на Џереми Јуд, декан на факултетот за либерални уметности и истражувач за светски здравствени политики на универзитетот во Далут, Минесота.
Постои една група на луѓе, меѓу кои Гејтс не е омилен, а тоа се поддржувачите на теории на заговор на социјалните мрежи, кои сметаат дека милијардерот ја создал пандемијата и ја користи за профит, надзор и контрола на населението во светот. Неговата објава на Твитер за кратењето на финансирањето на СЗО предизвика лавина од над 75.000 коментари, од кои многу ги доведуваа во прашање мотивите и патриотизмот на Гејтс. Демонстранти на протестите за укинување на владиниот карантин го изразија и својот гнев кон него.
Гејтс сепак имаше ран увид во ширењето на вирусот. Операциите на фондацијата во Кина директно го почувствуваа влијанието на тамошната епидемија, како што порача Марк Сузман, актуелниот извршен директор. Беа добиени и информации од студијата за грип од Сиетл во врска со ширењето на вирусот во САД.
Во февруари, фондацијата одвои 100 милиони долари за подобрување на откривањето, изолацијата и третманот на вирусот, за да се забрза развојот на вакцини, лекови и дијагностика, но и да се заштитат ризичните населенија во Африка и Јужна Азија. На 15 април, фондацијата донираше дополнителни 150 милиони долари во таа насока.
Гејтс е свесен за потребата да се потрошат милијарди долари во развојот на капацитети за да се развие и произведе вакцина, од кои повеќето нема да бидат успешни. Гејтс смета дека има смисла да се потрошат пари на создавање на пристапи што нема да дадат резултати, за да може на крајот да се произведе успешна вакцина која брзо ќе се дистрибуира во светот и ќе се стави крај на економските штети од пандемијата. Тој смета дека „треба да се потрошат милијарди за да се спасат илјада милијарди“ и дека повеќе нема да се игнорираат апелите за подготвеност за пандемии.
– Мислам дека луѓето овој пат повеќе ќе внимаваат – порача Гејтс.