Во време кога поголемиот дел од светот е во изолација во услови на пандемијата на коронавирус се водат многу дебати за тоа дали затворените граници, ограничувањата во патувањата и самоодржливоста ќе ѝ стават крај на глобализацијата каква што ја знаеме.
Карл Билт, поранешен премиер на Шведска и лидер на либерално-конзервативната Умерена партија, во интервју за шведскиот национален радиодифузер СВТ посочи дека светот мора да ги глобализира напорите за да се запре кризата со ковид-19.
Билт не верува во шпекулациите дека ковид-19 потекнува од кинеска лабораторија, неодамна пропагирани од американскиот претседател, Доналд Трамп, и американскиот државен секретар, Мајк Помпео. Сепак, тој е загрижен дека кризата ја засилила борбата за моќ меѓу САД и Кина.
Според Билт, националните судири не се решение, но глобализмот е.
– Оваа борба за моќ трае веќе 30-40 години и очигледно е дека имаат намера да ја засилат. Сега сме во глобална криза што бара глобална мобилизација на моќта. Имаме глобализиран вирус и, според мое мислење, мора да ги глобализираме нашите напори за борба против овој вирус. Но за САД се чини дека е поважно да се бори против Кина отколку против вирусот – рече Билт.
Според Билт, било ужасно кога ЕУ претходно годинава ги затвори своите граници за да ја спречи заразата зашто, според него, ниту една земја не може да се справи самата туку се потребни отворени граници.
Не е првпат Билт да го фаворизира глобализмот во борбата против кризата со коронавирус. Во интервју за „Дагенс Нихетер“ објавено кон крајот на април, Билт посочи дека ковид-19 е прва криза во која САД веќе не се светски лидер, што, како што тврди, го оставил светот во неединство и Советот за безбедност на ОН во парализа.
– Ако немаме глобален одговор на глобален предизвик, ризикуваме да изгубиме – напиша тој.
Претходно пролетва, Билт ги критикуваше прес-конференциите на владата зашто не се доволно глобални и пријателски настроени кон ЕУ.
– Жално е што владата нема знаме на ЕУ на своите прес-конференции. Кој го однесе? Ќе дојде денот кога ќе ни требаат солидарноста и поддршката на Европа – посочи Билт.
Карл Билт беше премиер на Шведска од 1991 до 1994 година и беше на чело на Умерената партија од 1986 до 1999 година. Билт, исто така, беше министер за надворешни работи меѓу 2006 и 2014 година. За време на неговиот мандат и потоа, тој беше цврст поборник за глобализам.