Белгија го запре воздушниот и железничкиот сообраќај од Велика Британија по појавувањето на нов вид на коронавирус, за кој се вели дека е позаразен од претходниот, изјави за „Франс прес“ владин претставник.
Белгискиот премиер Александер Де Кроа објави дека суспензијата воведена „како претпазливост“ ќе трае најмалку 24 часа и ќе стапи на сила на полноќ.
– Постојат многу прашања во врска со новата мутација и не знаеме дали веќе е достигната оваа точка – рече тој.
Слични најави се слушаат и од Берлин. Германија исто така размислува да ги прекине летовите од Велика Британија и Јужна Африка за да спречи ширење на нов позаразен вид на коронавирусот, кој циркулира во двете земји, изјави за „Франс прес“ извор близок до германското Министерство за здравство.