Британската компанија „АстраЗенека“ објави дека ќе почне соработка со рускиот Институт „Гамалеја“ со цел да се утврди дали нивните вакцини против Ковид-19 може успешно да се комбинираат. Институтот „Гамалеја“ ја разви вакцината „Спутник 5“.
„АстраЗенека“ соопшти дека работи на мултилатерална програма за имунизација против ковид-19 преку потенцијална комбинација на вакцини.
Во соопштението се додава дека е можно комбинацијата на вакцини да го подобри имунитетот за подолг временски период.
Производителите на вакцината „Спутник 5“ се подготвени да ја споделат својата технологија со фармацевтските компании од Франција и Велика Британија – „Санофи“ и „ГалаксоСмитКлајн“ (ГСК), е објавено на твитер-профилот на „Спутник 5“.
– Тимот на „Спутник 5“ е подготвен да ја сподели технологијата со „Санофи“ и ГСК за да им помогне да ја развијат вакцината до крај. Партнерството на разни производители е наш пат кон иднината. Заедно можеме да бидеме посилни – стои во твитот пренесен од ТАСС.